Овој чест симптом по јадење може да биде ран знак за рак на панкреасот

Точка

10/11/2026

20:25

1.335

Големина на фонт

а а а

Кога станува збор за ракот, раното откривање може да направи огромна разлика, а тоа особено важи за ракот на панкреасот.

Панкреасот се наоѓа длабоко во стомачната празнина, зад желудникот, што значи дека туморот на овој орган може извесно време да расте пред да предизвика забележливи тегоби или да биде откриен при рутински преглед. До моментот кога кај многу пациенти ќе се постави дијагнозата, ракот веќе се проширил.

Ракот на панкреасот не спаѓа меѓу најчестите видови рак. Според податоците на Американското здружение за борба против ракот („American Cancer Society“), тој сочинува околу 3 отсто од сите случаи на рак во САД.

Меѓутоа, одговорен е за приближно 8 отсто од сите смртни случаи поврзани со малигни заболувања и моментално е трета водечка причина за смрт од рак во таа земја, по ракот на белите дробови и ракот на дебелото црево и ректумот.


Американското здружение за борба против ракот проценува дека во текот на 2026 година околу 67.530 Американци ќе добијат дијагноза на рак на панкреасот, додека петгодишната стапка на преживување и натаму изнесува само 13 отсто.

Една од причините поради кои оваа болест толку тешко се открива навреме е тоа што нејзините рани знаци често се многу суптилни. Тие главно се преклопуваат со симптомите на многу почести и значително помалку сериозни здравствени проблеми, па лесно може да им се припишат на стресот, напорната недела или едноставно на стареењето. Многу луѓе не им обрнуваат посебно внимание сè додека не се појават и други тегоби.

Затоа е важно да знаете кои навидум незначителни промени во организмот заслужуваат дополнително внимание и кога е време за нив да разговарате со лекар. Еден гастроентеролог укажа на симптом што особено лесно може да се превиди.


Симптом по јадење што може да биде ран знак за рак на панкреасот

Лошото варење, односно забележлива промена во начинот на кој организмот ја поднесува и вари храната, може да биде еден од раните знаци на рак на панкреасот.

Д-р Самрат В. Џанкар, гастроентеролог и гастроинтестинален хирург, претходно за магазинот „Parade“ објаснил дека овој симптом може да се појави заедно со други, суптилни предупредувачки знаци.

„Покрај овие симптоми, некои луѓе можат да имаат и проблеми со варењето по оброк или промени во способноста на организмот да вари одредени намирници“, изјавил тој.

Панкреасот произведува ензими што помагаат во разградувањето на храната, па туморот на овој орган може да го попречи процесот на варење. Проблемот е што речиси секој повремено има стомачни тегоби по обилен или мрсен оброк, поради што овој симптом лесно може да се занемари.

Д-р Џанкар истакнува дека една од главните причини поради кои ракот на панкреасот често се открива во доцна фаза е токму тоа што неговите рани симптоми тешко се забележуваат, па луѓето често ги отфрлаат или погрешно им ги припишуваат на други здравствени состојби.

Меѓу другите рани знаци на кои треба да се обрне внимание, според него, се:

• Промени во празнењето на цревата – нова појава на запек или дијареја што често се повторува.

• Болка во горниот дел на стомакот или во грбот.

• Ненадејно губење на телесната тежина.

• Замор и исцрпеност.

• Жолтица – жолтеникава пребоеност на кожата.

Поретките симптоми можат да вклучуваат појава на крвни згрутчувања, депресија и отекување на лицето и телото.


Кога треба да посетите лекар поради можни симптоми на рак на панкреасот?

Доколку забележите некој од наведените симптоми, д-р Џанкар советува што поскоро да се обратите кај лекар.

Лекарот најверојатно ќе побара КТ-снимање.

„Може да се земат и примероци од крв за да се проверат покачените вредности на одредени ензими, кои би можеле да укажуваат на рак на панкреасот. Ако овие тестови не дадат јасен одговор, може да биде потребна биопсија за да се постави конечна дијагноза“, објаснил тој.

Важно е да се познаваат и факторите на ризик. Д-р Џанкар ги издвоил пушењето, редовното консумирање црвено и преработено месо, како и семејната историја на болеста како фактори што го зголемуваат ризикот.


„Лицата што имаат блиски членови на семејството, родители или браќа и сестри, кај кои е дијагностициран рак на панкреасот, имаат два до трипати поголем ризик и самите да заболат од оваа болест во споредба со лицата што немаат таква семејна историја“, изјавил тој.

Сепак, имајте предвид дека повременото лошо варење е многу честа појава и во најголем број случаи е безопасно. Меѓутоа, доколку проблемите со варењето се нови, траат подолго време или се јавуваат заедно со другите наведени симптоми, важно е да разговарате за тоа со лекар.