Новак Ѓоковиќ започнува нов деловен проект надвор од спортските терени. Во соработка со глобалната компанија „Аман Груп“, тој го лансира „АТМА“, нов бренд во сегментот на ултралуксузното угостителство.
Проектот е насочен кон холистички пристап кон здравјето, исхраната, долговечноста и регенерацијата, пишува „nova.rs“.
Централниот дел на проектот ќе биде облакодер во елитната населба Брикел во Мајами.
Планираната висина на зградата е 320 метри, што е речиси трипати повеќе од белградските облакодери како „Белграѓанка“ (100 метри) или кулата „Генекс“ (115 метри). Комплексот ќе биде сместен на брегот на заливот Бискејн.

Во рамките на комплексот ќе има затворени терени за тенис и падел со панорамски поглед, проектирани за користење во текот на целата година, независно од временските услови. Просторот ќе вклучува и спа и медицински велнес центар кој ќе се простира на површина од 11.500 квадратни метри.

Центарот ќе биде опремен со современи уреди за закрепнување на мускулите, подобрување на подвижноста и регенерација на телото. На посетителите ќе им бидат достапни и простори за индивидуални и групни тренинзи, со програми приспособени на нивните потреби.
Ѓоковиќ официјално ја започнал соработката со брендот во 2024 година како глобален велнес партнер, а сега директно ќе учествува во креирањето програми за долговечност, исхрана и спортови со рекет. Своето искуство ќе го примени во практика.
„Во текот на кариерата научив дека вистинските резултати се темелат на рамнотежа. Тренингот, закрепнувањето, исхраната и менталната благосостојба мора да бидат усогласени за да обезбедат долговечност и траен успех“, изјавил Ѓоковиќ.
Името „ATMA“ потекнува од санскрит и значи „дух“ или „вистинско јас“. Покрај хотелските содржини, кулата ќе располага и со станбени единици, од еднособни апартмани до луксузни пентхауси со шест соби. Надворешниот изглед со заоблени линии е дело на архитектонското биро „SHoP Architects“, додека за ентериерот е задолжено „Studio Paolo Ferrari“.

Внатрешното осветлување ќе биде усогласено со природниот циркадијален ритам на станарите. Покрај содржините насочени кон здравјето, комплексот ќе располага и со ресторани, сцени за културни настани и барови со музика во живо.

Завршувањето на градежните работи е планирано за 2031 година.