Невролог откри пет работи што никогаш не би ги правел по илјадници прегледи на мозокот и случаи на Алцхајмерова болест

Точка

13/11/2026

20:43

563

Големина на фонт

а а а

Невролог кој смета дека ризикот од Алцхајмерова болест во голема мера може да се намали посочи пет навики што луѓето би требало да ги избегнуваат за да ја намалат веројатноста за развој на болеста.

Д-р Дејвид Перлмутер, кого го опишуваат како „пионер во истражувањата“, објасни дека многу луѓе веруваат оти имаат мало или никакво влијание врз ризикот од Алцхајмерова болест. Тој својот став го опиша со метафората: „Генетиката го полни пиштолот, а начинот на живот го повлекува чкрапалото“.

„Судбината на вашиот мозок во голема мера зависи од тоа како избирате да живеете денес“, рече тој во неодамнешна епизода од поткастот „The Diary of a CEO“. На оваа тема зборувал и откако неговиот татко починал од последиците на болеста, пренесува „UNILAD“.

Лекарот нагласи дека луѓето треба да знаат оти до одреден степен можат да влијаат врз ризикот, а потоа издвои пет работи што, според него, му штетат на мозокот.

Седечки начин на живот

Неврологот посочи дека недостигот од движење е голем проблем за функционирањето на мозокот и го издвои како прва навика што треба да се избегнува.

„Вежбањето и движењето дејствуваат како повеќенаменска алатка за мозокот. Влијаат врз дејството на инсулинот, воспалителните процеси, работата на митохондриите и протокот на крв. Сето тоа се исклучително важни механизми за зачувување на здравјето на мозокот“, рече д-р Перлмутер.

Според студија од 2023 година, во која биле опфатени 49.841 лице постаро од 60 години, седењето и физичката неактивност во траење од 10 или повеќе часа дневно биле поврзани со зголемен ризик од развој на деменција.


Недостиг од социјални контакти

Социјалната изолација долгорочно може да го зголеми ризикот од опаѓање на когнитивните способности.

Перлмутер ја стави социјалната изолација на второ место и објасни:

„Кога се поврзуваме со други луѓе и градиме односи, нашето тело и мозокот произведуваат повеќе окситоцин. Го нарекуваат хормон на љубовта.

Окситоцинот ја поттикнува работата на одредени имунолошки клетки во мозокот, таканаречени микроглијални клетки, и им помага да ја задржат својата заштитна улога и да ги поддржуваат нервните клетки. Така не преминуваат во состојба што ја нарекувам нивниот ’зол близнак‘, во која ги засилуваат воспалението и уништувањето на синапсите.“


Неквалитетен сон

Третото предупредување на д-р Перлмутер се однесува на сонот што не ни овозможува доволно да се одмориме, било затоа што спиеме премалку или затоа што сонот е неквалитетен. Според него, на ова треба да се обрне внимание кога се зборува за намалување на ризикот од Алцхајмерова болест.

Тој истакнува дека квалитетниот сон е исклучително важен за зацврстувањето на спомените од претходниот ден и за минувањето низ фазите на спиењето, вклучително и РЕМ-фазата.

„Сонот овозможува активирање на глимфатичкиот систем, кој помага да се отстранат отпадните материи од мозокот. Новите истражувања укажуваат дека тоа се случува и кога се движиме“, додаде неврологот.

Д-р Перлмутер напомена дека сонот помага и во намалувањето на воспалението и го подобрува дејството на инсулинот. И двата фактора се поврзани со функционирањето на мозокот.


Нездрава исхрана

Долгорочните навики во исхраната можат значително да влијаат врз здравјето на мозокот.

Нездравата исхрана е уште еден фактор на ризик на кој предупредува д-р Перлмутер. Тој особено нагласува дека треба да се внимава на внесот на шеќер.

Според процените објавени во списанието „Nature“, речиси 75 отсто од прехранбените производи во САД се ултрапреработени.

Темата предизвикува сè поголема загриженост, особено по студијата од 2026 година во која се испитувало можното влијание на ултрапреработената храна врз мозокот. Истражувањето укажало на поврзаност меѓу консумирањето ваква храна и појавата на „тивки мозочни удари“ кај здрави лица на средна возраст.


Очекување дека лековите ќе ги решат сите проблеми

Д-р Перлмутер предупреди и дека младите не треба да очекуваат дека напредокот на медицината сам по себе ќе ги заштити од оваа болест. Наместо тоа, советува да обрнат внимание на животните навики со кои можат да го намалат ризикот.