Што се случува со вашиот сон ако ја прескокнувате вечерата?

Точка

13/11/2026

21:01

509

Големина на фонт

а а а

Прескокнувањето на вечерата, без разлика дали поради напорен ден, слаб апетит или земање лекови, може да влијае врз квалитетот на сонот, предупредуваат нутриционистките.

Обилен оброк не е неопходен, но нешто лесно пред спиење може да помогне. Нутриционистките Габриел Кишнер и Самина Калу објаснуваат дека врз сонот влијае и тоа што јадеме за вечера, но и кога јадеме.

Исхраната и спиењето се поврзани преку циркадијалниот ритам, природниот циклус на спиење и будност, а доцните оброци се поврзуваат со послаб квалитет на сонот.


Обилната вечера непосредно пред спиење го одржува варењето активно, ја зголемува телесната температура и го менува нивото на шеќер во крвта, додека легнувањето со полн стомак може да предизвика и рефлукс. Од друга страна, прескокнувањето на вечерата влијае различно врз секој човек, пишува „Real Simple“.

„На некои луѓе им е тешко да заспијат кога легнуваат гладни, додека други се чувствуваат сосема добро ако последниот оброк го изедат порано во текот на денот. Дури иако заспиете, гладта може да ве разбуди во текот на ноќта. Прескокнувањето на вечерата може да предизвика и наутро да чувствувате особено силен глад, што може да доведе до прејадување“, објаснила Калу.


Калу советува комбинација од протеини, јаглехидрати богати со растителни влакна и малку здрави масти, како што се интегрален тост со путер од кикиритки и банана или јогурт со интегрална гранола и бобинки.

За квалитетен сон корисни се магнезиумот, кој се наоѓа во лиснатиот зеленчук, интегралните житарки, јаткастите плодови и семките, како и триптофанот, кој го има во јајцата, месото од живина, млечните производи, тофуто, јаткастите плодови и семките.

Може да помогнат и витаминот Б12, кој се наоѓа во намирниците од животинско потекло, антиоксидантите од овошјето и зеленчукот, како и билните чаеви, на пример чајот од камилица. Навечер најдобро е да се избегнуваат мрсна храна, додадени шеќери, алкохол и кофеин.


Доколку сепак изедете обилна вечера или храна што може да го наруши сонот, нутриционистките советуваат да почекате два до три часа пред да легнете во кревет.