Што да пиете по вечерата? Лекарите издвојуваат напиток што може да го подобри здравјето на црниот дроб

Точка

20/11/2026

21:26

1.013

Големина на фонт

а а а

Освен исхраната и она што го пиеме може да има важна улога во долгорочното зачувување на здравјето на црниот дроб.

Црниот дроб има важна улога во бројни процеси во организмот, вклучувајќи го метаболизмот на шеќерите и мастите, производството на протеини и разградувањето на лековите.

Врз неговото здравје можат да влијаат секојдневните навики во исхраната, вклучувајќи го и изборот на пијалаци по вечерата.

Според мислењето на лекарите, добар избор е незасладено кафе без кофеин.


„Кафето е еден од ретките пијалаци што постојано се поврзуваат со подобро здравје на црниот дроб, а верзијата без кофеин овозможува да се ужива во тие потенцијални придобивки без да се наруши сонот“, објаснил лекарот Мухамед Касим за порталот „EatingWell“.

Истражувањата го поврзуваат консумирањето кафе со помал ризик од заболувања на црниот дроб.

„Луѓето кои пијат кафе имаат помалку маснотии во црниот дроб, помалку напредната фиброза, како и пониски стапки на цироза и рак на црниот дроб“, истакнал лекарот Џонатан Силберлихт.

Анализа спроведена на повеќе од 350.000 учесници покажала дека консумирањето една до две шолји кафе дневно е поврзано со 20 отсто помал ризик од цироза и 24 отсто помал ризик од рак на црниот дроб, без значителни разлики меѓу обичното кафе и кафето без кофеин.

Кафето без кофеин содржи растителни соединенија, вклучувајќи хлорогенски киселини, кои имаат антиоксидантски и противвоспалителни својства.


Истражувањата укажуваат дека овие соединенија можат да помогнат во заштитата на клетките на црниот дроб од оштетување, намалувањето на воспалителните процеси и регулирањето на разградувањето на мастите во црниот дроб.

Сепак, самото кафе не е доволно за зачувување на здравјето на црниот дроб. Експертите препорачуваат избегнување алкохол и ограничување на засладените пијалаци, бидејќи прекумерното внесување додаден шеќер може да придонесе за таложење масти во црниот дроб.

Корисна навика може да биде и прошетката по вечерата, која помага во регулирањето на нивото на шеќер и триглицериди во крвта, истакнал Касим.

Исто така, се препорачува избегнување доцни вечерни ужини. Истражувањата го поврзуваат консумирањето храна во периодот меѓу вечерата и легнувањето со зголемен ризик од цироза и метаболички поврзана масна болест на црниот дроб.

Затоа, урамнотежената исхрана, редовната физичка активност и здравите секојдневни навики се важни за долгорочно зачувување на здравјето на црниот дроб.