Project One: Mercedes го ослободи “ѕверот”

Точка

13/09/2017

22:51

741

Големина на фонт

а а а

Mercedes одлично ја заврши својата домашна задача на тема хиперавтомобил. Резултатот: Project One развива над 1.000 коњски сили, а од 0 до 200 км/ч забрзува за помалку од 6 секунди!

Еден ден пред почетокот на франкфуртскиот авто-салон, германскиот производител го откри долгоочекуваниот суперспортски автомобил, настанат во рамки на одделението AMG. 

Project One на Mercedes-AMG претставува врв на современата автомобилска технологија, донесувајќи перформанси на Формула 1 болид од тркачките патеки на патиштата.


Како што веќе наведовме, овој автомобил од состојба на мирување до 200 км/ч пристигнува за помалку од 6 секунди, што е време за кое многу „обични“ спортски автомобили можaт да „кренат“ едвај до 100 км, додека точната максимална брзина сè уште не е соопштена, но Mercedes тврди дека ќе изнесува над 350 км/ч.


За да ги оствари погоре спомнатите перформанси, Project One користи хибриден, бензинско-електричен погон чија вкупна комбинирана моќ надминува 1.000 коњски сили, а интересно е што автомобилот ќе може да се вози и само со помош на струја, но максимално до 25 километри.

„Цивилниот“ тркачки болид на Mercedes има извајана каросерија која е во потполност изработена од јаглеродни влакна, со специјална аеродинамична „перка“ на задниот дел од кровот, како и голем „спојлер“ позади.


„Срцето“ на погонскиот систем е изведено од моторот што Mercedes го користи во Формула 1, а во прашање е 1,6-литарски V6 турбо бензинец со 11.000 вртежи во минута, кој ја праќа силата на задната осовина на возилото.

Овој мотор има електричен турбополнач заради поголема ефикасност, а има и уште еден, директно поврзан електромотор, што му помага на бензинскиот мотор да пренесува дури 680 коњски сили на задните тркала.


Автомобилот користи потполно нов осумбрзински автоматизиран менувач со мануелни команди за промена на степенот на пренос на воланот, развиен специјално за Project One.

Кабината е дизајнирана во минималистички, тркачки стил, со волан чиј облик е инспириран од воланот на болидот од Формула 1.


Mercedes планира да произведе 275 примероци од овој исклучителен автомобил, а почетната цена на еден автомобил изнесува 2,27 милиони евра.

Неофицијално, сите примероци се веќе однапред распродадени.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk