Русија се подготвува за најголемата воена вежба во последните неколку години: 100 илјади војници маршираат по наредба на Путин

Точка

14/09/2017

10:51

1.787

Големина на фонт

а а а

Руската армија се подготвува за најголемата воена вежба во последните 4 години наречена „Запад 2017“, на која што ќе учествуваат над 100 илјади војници.

Првите луѓе на НАТО „мирно и со самодоверба“ ќе ги следат најголемите руски воени вежби од 2013-та година кои што од 14-ти до 20-ти септември ќе се одржуваат во Белорусија, западна Русија и руската енклава Калининград. Многумина се нервозни од тоа што се очекува - тестирање на капацитетот на Москва во војната против Западот - пренесува „Ројтерс“.

Воената вежба „Запад 2017“ предизвика голема загриженост во некои земји затоа што руските единици и тешкото вооружување ќе бидат стационирани во Белорусија, сојузник на Русија и земја која што се граничи со Украина, но исто така и со земјите членки на НАТО - Полска, Литванија и Летонија.

Од НАТО Алијансата веруваат дека воените маневри кои што службено ќе започнат во Белорусија, на Балтичкото море, западна Русија и Калининград веќе се во тек. Исто така, Алијансата верува дека вежбите се поголеми од тоа што го тврди Москва, наведувајќи дека ќе учествуваат 13 илјади војници од Русија и Белорусија, додека пак западните сили веруваат дека во воените вежби ќе учествуваат дури 100 илјади војници.


Покрај војниците, авионите, радарите и бродовите на Балтикот, НАТО верува дека во воените вежби ќе бидат тестирани и балистички проектили кои што можат да понесат нуклеарни боеви глави.

НАТО смета дека токму со овие вежби, руската армија ќе симулира еден судир со воена сила предводена од Соединетите Американски Држави.

„НАТО Алијансата е смирена и будна“, изјави генералниот секретар на најмоќниот воен сојуз на светот, Јенс Столтенберг минатата седмица за време на неговата посета на Естонија.


Русија кон крајот на август се обиде да ги ублажи стравувањата околу воените маневри, порачувајќи дека на вежбите „Запад 2017“, руската армија ќе вежба исклучително одбранбени сценарија, а обвинувањата дека вежбите претставуваат подготовка за воена инвазија на Полска, Литванија или Украина се лажни.

Генералот Бен Хоџис, командант на американската армија во Европа, минатиот месец изјави дека американските сојузници во источна Европа и Украина се загрижени дека руската воена вежба би можела да се претвори во „Тројански коњ“, односно распоредуањето на воената опрема во Белорусија да остане таму подолго време.

Заменик рускиот министер за одбрана, Александар Фомин, изјави дека кај Западните сили нема место за страв, а оценувањата дека Русија претставува „закана“ за било која држава се „мит“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг