Коста Петров: Земјата која ми ги оствари соништата

Точка

28/09/2018

11:12

6.627

Големина на фонт

а а а

Најчесто дел од читателите на Чекинг (Точка) ни пишуваат дека со кафе ги читаат интервјуата, верувајте така „кеифски“ и ни ги одговараат најчесто нашите „гости“. Овој пат, одлучивме да ви приредиме пријатно изненадување.

Авторот кој преку своите дела променил (позитивно) многу животи и сигурно ќе ви биде задоволство кафето да го испиете со Коста Петров, тој „на врвот“ во зградата во Торонто каде моментално престојува, вие со интервјуто пред вас преку кое ви ја доловува земјата каде бил преку 10 пати. И сигурно веќе сте љубопитни што го навраќа постојано таму? Ќе ви открие самиот тој, за Чекинг (Точка).  

Во Македонија одеднаш застуде. Во Торонто најверојатно е поладно или со климатските промени нема правила?

- Времето во Торонто е се уште изненадувачки добро. Преку ден е околу 18 степени, но поради силниот ветер можеби делува поладно од тоа. Јас најубаво го доживувам Торонто за време на зимските месеци и познатата Канадска зима. Најчесто доаѓам тука кон крајот на ноември и ова е можеби првиот пат да го почувствувам Торонто со повисоки температури. Градот е совршено испланиран и поврзан со тунели така да нема потреба ни да излезете надвор. Најчесто сите згради се поврзани со мостови и иако надвор може да биде и -20 степени може да се случи во текот на денот никогаш да не го почувствуате студот.

Кој беше првиот впечаток за Канада? 

- Првата работа што ја приметив кога за првпат пристигнав во Канада е мултикултурализмот кој е застапен насекаде. Верувам дека Канада нуди единствена можност за сите свои граѓани. Прекрасно е да се види како треба да функционира едно мултикултурно општество. Некако добиваш чувство дека луѓето доаѓаат тука да креираат една нова реалност и да ги исполнат своите животни соништа.


[Градот на „што“, а не „кој“ ]

Во град кој е бизнис центар, постои ли можност за опуштање воопшто?

- Што се однесува до самиот град, Торонто е далеку поевропски од другите метрополи во Северна Америка. Градот е бизнис центар на Канада и тука се присутни сите големи корпорации од земјата. Сепак, постојат делови каде се чувствува европскиот дух, каде можете да се опуштите и да заборавите дека сте во финанскиот центар на земјата. Торонто е метропола која нуди апсолутно се што ви е потребно. Тука се некои од најдобрите музеи во Канада, но и шопинг центри и прекрасни ресторани. Градот е и домаќин на познатиот Торонто филмски фестивал. Иако Торонто е финански центар, сепак ја има задржано својата интимност и немате чувство дека сте во метропола со два милиони жители.

Што е она што те врзува со оваа земја?

- Во Торонто доаѓам два пати годишно поради бизнис настаните што нашата компанија ги организира тука. Горди сме во Канада, го организираме најголемиот бизнис настан за односи со јавност во земјата и единствен настан што е подржан од сите Канадски асоцијации за односи со јавност. Преку мојата работа и мене Канада, како и на многумина ми овозможи да ги остварам своите соништа и да го видам светот во едно поинакво светло.


[Торонто - широко поле за докажување на квалитет ]

Како функционира бизнис светот во Канада од каде црпиш искуства? 

- На Канаѓаните не им е потребно многу време да донесат бизнис одлука и штом ја донеле и решиле да прават бизнис со вас, тоа значи дека ви веруваат и дека тоа нема да биде еднократна соработка, туку соработка која ќе трае со години. Мене најмногу ме фасцинира бизнис културата на Канаѓаните. Ние како компанија работиме во 35 земји во светот и начинот на кој функционираат работите тука е тотално различен од секаде. Ме фасцинира тоа и што немаат предрасуди. Ние претходно во која и земја да сме влегле со нашите продуките секогаш постоел долг период на градење на врски и репутација, а во Канада сите не пречекаа со отворени раце. Тука е најважно да имаш квалитетен продукт, а не од каде доаѓаш.

Што не смее да се пропушти да се види? 

- Во Торонто постојат места за апослутно секаков буџет. Тука ги имате најскапите ресторани во Канада, но и места каде што можете да купите храна за 3-4 долари. Што се однесува до места за посетување, од музеите најомилени ми се Ontario Science Center и Royal Ontario Museum. Rogers Center е домот на бејзбол клубот Toronto Blue Jays и место каде што се организираат сите големи концерти во Торонто. Исто така интересни се и Distillery District, место каде што можете да најдете многу добри ресторани. St. Lawrence Market South, познатиот пазар во Торонто. Љубителите на хокејот не смеат да го пропуштат Hockey Hall of Fame. И се разбира, кога сте веќе во Торонто, апсолутно мора да ги посетите и водопадите на Нијагара, кои се одалачени околу час и половина од градот.


[Од CN Tower од која имате прекрасен поглед на цело Торонто]


[Нијагара е една од најмалите реки во светот]

Потребно ли е богатство за да се посети Торонто?

Денес живееме во ера кога за да посетите некој град, не мора да спиете во скап хотел или да трошите многу пари. Торонто располага со многу добри хотели кои чинат од 300 канадски долари, па нагоре по ноќ. Но, постојат и поевтини опции за изнајмување на стан или соба преку Airbnb. Бидејќи доаѓам тука често, најчесто изнајмувам стан во центарот на Торонто. Секогаш гледам да е на повисок кат бидејки навистина погледот е неспоредлив со било кое друго место. Исто така, кога изнајмуваш стан на многу поспецифичен начин можеш да го доживееш градот. Дури на моменти можеш да се почувствуваш и како локалец.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг