Одличниот фудбалер Кристијано Роналдо го напушти Реал Мадрид по девет години и замина во Јувентус.
Трансферот вреден 105 милиони евра многумина ги изненади, со оглед на тоа што јавноста сметаше дека Роналдо ќе ја заврши својата богата кариера во Реал и со тоа ќе стане "крал помеѓу кралевите".
Имено, во текот на 9-годишното играње за овој клуб, Роналдо успеал да даде дури 450 голови во 438 одиграни натпревари.
Шпанските медиуми објавиле дека Роналдо заминал од Реал Мадрид поради проблеми со данокот, поголемата плата која ја добивал Меси, но и поради фактот што легендата Алфредо Ди Стефано многу често бил ставан пред него како најдобар играч во историјата на Кралскиот клуб.
"Секогаш сум зад него, што уште треба да направам?", се прашувал Роналдо, пренесува "Marca" кој е неофицијален билтен на Реал Мадрид.
Оттаму пристигнал и одговорот:
"Пред 64 години во белиот дрес дебитираше Ди Стефано, најголемиот во историјата. Кога пристигна во Мадрид, Реал беше фудбалски клуб, а кога си замина, беше најголемиот клуб во историјата. Дојде кога Реал имаше само две освоени првенства во 25 години, а кога замина, клубот имаше десет домашни и пет европски наслови. Кристијано, ти си голем играч, но Ди Стефано беше и засекогаш ќе остане вистинскиот крал", се наведува во текстот на "Marca".