Ситуацијата со коронавирусот алармантна и во Велес: „Бројот на болни расте, а Инфективното одделение располага со 54 болнички кревети“

Точка

21/10/2020

20:15

1.241

Големина на фонт

а а а

Во последното деноноќие, починатите велешани, еден маж и една жена, се на возраст од 62 години додека починатиот маж од Свети Николе е на 69 годишна возраст. Сите починати биле пациенти на Инфективното одделение во Општа болница во Велес.

Според податоците на Министерството за здравство заклучно со вчерашниот ден, во Велес се заразени 446 граѓани од кои 332 оздравени, 106 активни, 79 се наоѓаат на домашно лекување, 19 се хоспитализирани во Инфективното одделение во велешка болница и по двајца на лекување на Инфективна клиника и во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Исто така, има еден велешанец кој се лекува на Клиника за ОРЛ во Скопје како и три лица кои се лекуваат во приватни клиники во Скопје.

„Засега Инфективното одделение располага со 54 болнички кревети, бројот на болни расте, доаѓаат сè поголем број на пациенти со потежок стадиум и за кратко може да се случи проблем со сместувањето. Затоа се размислува за обезбедување на дополнителен број на болнички кревети најнапред на Физикално одделение. Три медицински сестри од Инфективно одделение се позитивни, еден од анестезиолошката служба како и еден административен работник. Двајца вработени од Здравствен дом се позитивни и петмина се во изолација“, изјавил градоначалникот на Аце Коцевски.

Коцевски на денешниот прес исто така информира дека во Општина Велес од вчера има еден болен од јавната администрација кој се наоѓа во велешката болница, еден има симптоми и чека резултати од тест, а еден е во изолација. Претходно заболениот од јавната администрација на Општина Велес се излекувал и веќе е на работа.

„Го чекаме записникот од синоќешната седница на Владата во врска со работата на општинската администрација, имаме три модели меѓу кои треба да бираме или ќе ги комбинираме. Дополнително ќе донесеме одлука на кој начин ќе продолжи понатаму да работи општинската администрација“, најави Коцевски.

Тој апелира до граѓаните задолжително да носат маска, да држат пропишано растојание и да не се групираат со цел да се спречи понатамошното ширење на вирусот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг