Американска форензичарка криела ДНК-траги во случаи на силување, осудена е на 10 години затвор

Макфакс

20/09/2026

10:00

376

Големина на фонт

а а а

Поранешната форензичарка од Бирото за истраги на Колорадо е осудена на 10 години затвор поради манипулација со ДНК траги во случаи на убиства и сексуални напади, а нејзината работа е предмет на преиспитување по утврдување на сериозни неправилности.

Поранешната форензичарка во Бирото за истраги на Колорадо (CBI), Ивон „Миси“ Вудс, е осудена на 10 години затвор поради манипулирање со ДНК-податоци во кривични предмети, меѓу кои случаи на убиства, сексуални напади и разбојништва.

Вудс, која речиси три децении работела како форензички аналитичар, во јуни признала вина за четири кривични дела. По откривањето на неправилностите, CBI ја проверил нејзината работа и утврдил проблеми во 1.045 кривични предмети. За 29 години таа работела на повеќе од 10.000 случаи.

Според обвинителите, Вудс менувала или изоставувала ДНК-податоци и прескокнувала пропишани процедури за побрзо да ги обработува предметите. Повеќе од 400 случаи на кои работела биле поврзани со сексуални напади.

Меѓу нив имало сексуален напад врз четиригодишно девојче, врз 88-годишна жена и пријавено силување во Националниот парк Роки Маунтин. Обвинителството тврди дека во овие случаи бил пронајден машки ДНК-материјал, но тој не бил правилно прикажан во конечните лабораториски извештаи.

Скандалот веќе доведе и до укинување на најмалку една пресуда за убиство. Мајкл Кларк, кој во 2012 година бил осуден на доживотен затвор, беше ослободен со кауција по повеќе од 12 години зад решетки, откако доказите беа повторно тестирани во независна лабораторија.
Прашања за работата на Вудс имало уште во 2014 година, но клучните неправилности биле откриени дури во 2023 година. Властите сега повторно тестираат голем број докази и преиспитуваат предмети во кои таа учествувала.