Трајче Воинов: „Дури и кога планинарам или возам велосипед, знам да направам пауза и набрзина да си ја исконтролирам гликемијата“

Точка

20/01/2022

17:17

16.046

Големина на фонт

а а а

Секоја здравствена состојба значително подобро се менаџира со редовна физичка активност. И дијабетесот не е исклучок. Мали промени во секојневието водат кон голем успех.

„Да се биде физички активен, да се вежба или спортува е исклучително важно за лицата со дијабетес. Работам со луѓе на различна возраст кои живеат со дијабетес, и мојот пристап кон секој посебно е индивидуализиран, односно вежбите кои им ги задавам се прилагодени кон секој поединец, имајќи предвид повеќе аспекти,“ – вели Даниел Трбогазов, професионален фитнес тренер и сопственик на фитнес студио “Мој Тренер“, и додава дека при изработка на индивидуализираниот план за вежбање, освен фактот за состојбата на дијабетесот, тој мора да ги знае прехрамбените навики на неговите вежбачи и дневните рутини: „Пред секој тренинг прашувам колку и што јаделе, колку вода испиле тој ден, и секако кое е нивото на шеќерот тој ден, и со сите овие податоци им задавам соодветни вежби и го определувам времетраењето на тренингот“.  

На прашањето која физичка активност е најприфатлива за лицата со дијабетес, Даниел Трбогазов одговара: „Не постојат стриктни препораки за тоа каква физичка активност или кој спорт да практикуваат лицата со дијабетес. Формулата на успехот е секој посебно да открие што најмногу му одговара и го мотивира за редовно вежбање и на подолг рок. При фитнес тренинзите, најмногу се држиме до кардио вежбите. Многумина пак, преферираат физичката активност да се одвива на отворено и затоа се одлучуваат на пешачење, планинарење, возење велосипед, џогинг, брзо одење или пак како што моменталната зимска сезона налага – скијање или бордање во планина. Истотака и пливањето е одличен избор за лицата со дијабетес поради позитивните влијанија кои ги има овој спорт врз кардио-васкуларниот систем во организмот. И оние лица со дијабетес кои имаат потешкотии при спортување, дури и при рекреативно вежбање, топло им препорачувам повеќе да се движат во својот двор, да користат скали наместо лифт, да одат пешки секаде каде што можат наместо со автомобил, и секако дома да се активни – да прават определени вежби“, завршува Даниел Трбогазов и истакнува дека и најмалите промени можат бргу да доведат до подобрување на квалитетот на животот за сите лица со дијабетес. 

За успешно справување со дијабетесот, велат од Меѓународната федерација за дијабетес (IDF), физичката активност е еден од трите главни столба на кои се темели водењето на квалитетен живот за сите луѓе кои се афектирани од оваа состојба. Главните придобивки од тоа да се биде повеќе или помалку физички активен се чувствуваат во работата на метаболизмот, срцето и кардиоваскуларниот систем, коските, менталното здравје итн. При вежбање или спортување, се зголемува инсулинската сензитивност и самиот инсулин во организмот подобро ја извршува својата функција. Физичката активност помага и при одржување на нормален крвен притисок, имајќи предвид дека повисок притисок истовремено означува и повисок ризик од компликации од дијабетесот. Го подобрува и нивото на холестеролот и штити од срцеви заболувања, добро влијае врз зглобовите и флексибилноста на телото, а истовремено од огромно значење е и важноста на физичката активност врз умот и телото – ослободувањето на ендрофинот, или народски кажано, на хормонот на среќа во организмот кој го намалува стресот и придонесува за добар сон. 

„Редовното вежбање е составен дел од мојот живот. Од понеделник до петок најмалку 3 пати одам на фитнес, а викендите ги користам за спортување и рекреација на отворено – возам велосипед, се качувам на Водно или џогирам, зависно за што сум расположен во моментот. Секојпат пред да започнам со активноста, го мерам нивото на шеќерот, дури и кога сум во планина или возам велосипед, знам да направам пауза и набрзина да си ја исконтролирам гликемијата повторно. Затоа, секогаш со мене го носам малиот сет кој ми е потребен да го извршам мерењето. Контролата ми дава поголема сигурност и без грижи се посветувам на она што го правам во моментот“ – раскажува Трајче Воинов, фотограф и инфлуенсер кој редовно на својот инстаграм профил споделува информации за животот со дијабетес. 

Сетот за следење на гликемијата, за кој се препорачува секогаш да ви е при рака содржи: дигитален глукометар - ќе ве извести доколку шеќерот е премногу висок или низок. Истотака од него можете да се информирате и за тоа како вашата исхрана, вежби, стрес, лекарства и сл., влијаат на вредностите на шеќерот во крвта во вашиот организам. 

Одберете глукометар кој Ви е лесен за користење и кој ќе ви даде точни отчитувања. И секако, оној од кој ќе можете измерените вредности во изминатиот период да ги пренесете во вашиот паметен телефон или компјутер и преку прегледна табела да ги пратите сите параметри за дијабетесот во вашиот организам; тест ленти – секоја мала тест лента содржи хемикалии кои при допир со крвта овозможуаат глукометарот да ги прочита вредностите на шеќерот во крвта; ланцети (игли) кои се вметнуваат во уредот за ланцети кој е во вид на пенкало, и со негова помош безболно ќе обезбедите капка крв од прстот, која ќе ја нанесете на лентата; кутивче за искористени ланцети – искористените игли задолжително одложете ги во соодветно пластично кутивче пред да ги фрлите.


Опремени со овој сет, било кога и било каде ќе имате целосна контрола врз гликемијата во организмот, и без грижи ќе можете да уживате во било која физичка активност и да одберете.



Спонзорирани линкови

Маркетинг