Околу 99 отсто од луѓето од Обединетите Арапски Емирати примиле најмалку две дози вакцина против Ковид-19, што е трета највисока стапка на вакцинација во светот.
Тоа ѝ помогнало на земјата да избегне целосно заклучување во 2021 година и засега во 2022 година, пренесува „Економист“.
Абу Даби и Дубаи, тамошните два најважни града, во голема мера останале отворени за бизнис и во 2020 година.
Нивното релативно брзо закрепнување е причина што тие градови се рангирани на првите две места во поглед на најдобрите градови за живот на Блискиот исток и во Африка од страна на EIU.
EIU глобалниот индекс опфаќа 172 градови кои се оценуваат во пет категории: култура и животна средина, образование, здравство, инфраструктура и стабилност.
Во просек, градовите на Блискиот исток и северна Африка имале резултати од 58, во споредба со оние во субсахарска Африка кои биле оценети со по 50 поени, во регионот кој е најмалку погоден за живот на светот.
Заради споредба, Западна Европа најдобриот регион за живот на планетата, има просек од 91 поен.
Па така, Абу Даби и Дубаи, иако се најдобри во својот регион, всушност на глобално ниво се на средина на листата.