Меган Фокс овојпат не облекла костим на робот или демон, туку станала – лек за еректилна дисфункција. Актерката е заштитно лице на необична кампања во која, со доза хумор, зборува за тема за која мажите често не сакаат да разговараат.
Во новата, малку разиграна кампања на здравствената компанија „Ro“, Меган Фокс го претставува „Ro Sparks“, нивниот лек на рецепт за лекување на еректилна дисфункција.
„Лично мислам дека можеби сум родена за ова. Не постои подобра личност која можеше да биде дел од ова“, вели 40-годишната Фокс за „People“.
„Зошто нешто што и онака е сериозна тема да го правиме уште потешко? Веќе делува сериозно, затоа нека биде забавно“, вели таа.
„Ro Sparks“ е комбиниран третман за еректилна дисфункција „2 во 1“, кој содржи силденафил и тадалафил. Иако двете состојки се одобрени од американската Агенција за храна и лекови (FDA), самиот комбиниран лек не е одобрен од FDA. Според наводите на компанијата „Ro“, третманот се раствора под јазикот, во просек почнува да дејствува за околу 15 минути и може да остане активен до 36 часа, пренесува „People“.
Рекламата, која се емитува на телевизија, додека кампањата истовремено е присутна и на Тајмс сквер, ја прикажува Фокс во тесен црвен комбинезон со логото на „Ro Sparks“. Како персонификација на лекот, таа преку низа двосмислени и сугестивни пораки зборува за производот.
„Ако ви биде препишан, ќе се појавам директно пред вашата врата“, вели Фокс со заводлива насмевка во рекламата. „Не грижете се, моето пакување е многу дискретно“.

Фокс вели дека хуморот во кампањата не е присутен само за снимањето да биде позабавно. Пристапувајќи кон еректилната дисфункција со доза опуштеност, таа се надева дека рекламата ќе помогне во намалувањето на дел од срамот што ја следи оваа состојба и ќе ги поттикне мажите отворено да зборуваат за неа.
„Не сте неисправни. Ништо не е погрешно со вас. Можете да разговарате за ова. Не мора да го криете“, вели Фокс, која неодамна ја прекина врската со Машин Ган Кели, со кого ја има 18-месечната ќерка Сага.
Актерката вели дека мажите често се чувствуваат како другите да ги проценуваат врз основа на нивната способност – или неспособност – сексуално да „функционираат“.

„Жените се соочуваат со сите тие стандарди кои наводно треба да ги исполнуваме, без разлика дали станува збор за тежината, изгледот, младоста, совршено мазната кожа, растојанието меѓу бутовите или тоа да немаме вдлабнатини на колковите“, вели таа.
„Кај мажите, машкоста и сексуалноста се поврзани со нивниот идентитет. Толкав дел од нивната машкост, идентитет и его е поврзан со ова прашање... Мислам дека треба да ја отстраниме таа стигма и табу и да ги едуцираме луѓето, особено мажите – дека еректилната дисфункција всушност е многу честа“.


