Понеделник и петок биле најчестите денови за работа од дома, но новите податоци за работата на далечина на Николас Блум покажуваат изненадувачки промени.
Работниците кои работат хибридно, главно го прифаќаат образецот да престојуваат дома двапати неделно, но тоа не е во оние денови во кои вие би очекувале.
Кога станува збор за флексибилната работа, популаризирана од периодот на коронавирусот, компаниите настојувале на работниците да им овозможат да работат два дена од дома – најчесто во петок и понеделник, за да имаат споени „опуштени“ денови, пресметувајќи го и викендот којшто за многумина е неработен.
Значи, на работа би доаѓале во вторник до четврток. Меѓутоа, според пишувањето на „Блумберг“, овој тренд доживеал пресврт – се докажало дека работниците престојуваат почесто дома во четврток, отколку во понеделник и петок.
„Четврток е новиот понеделник“, пишува „Блумберг“ врз основа на податоците на „WFH Research“, тим академици вклучувајќи го и Николас Блум од Универзитетот Станфорд којшто ги собирал податоците за навиките и ставовите на десеттина илјади американски работници од почетокот на пандемијата.
Петок се рангира како најпопуларен ден за работа од дома во последните шест месеци, по што следи четврток, додека пак среда е најчест ден за престој во канцеларија.
Наодите покажуваат дека обрасците на работа константно се поместуваат речиси три години, а исто така потврдуваат колку компаниите тешко спроведуваат строги норми за враќање на работниците во канцеларија, особено на „затегнатиот“ пазар за работа во САД.
„Peloton“ е меѓу работодавците кои ги повикаа вработените на работа од вторник до четврток, додека пак другите големи работодавци како што е „Apple“ ги сакаат вработените на работното место во вторник, четврток и уште еден дополнителен ден којшто би го одредиле поединечни тимови.
Претходниот план на компанијата барал од вработените да бидат во канцеларија во понеделник, вторник и четврток.
Кога станува збор за тоа колку канцелариите биле „зафатени“ во октомври, во десет различни американски градови, податоците се дека работниците на работа најмногу доаѓале на средина на неделата.