Левица: Неспособната влада повторно ги остави на цедило вработените во ,,Македонски шуми”

Макфакс

18/04/2024

14:18

514

Големина на фонт

а а а

Вработените во јавното претпријатие „Македонски шуми” три месеци безуспешно се борат да ги добијат своите плати, задолжителните придонеси од плата, теренските додатоци и униформи за работа, реагираат од Левица.

„Тие прво штрајкуваа со присуство на работното место, па денес пред просториите на нивната дирекција, а трет чекор ќе биде да излезат пред Владата. Генералниот директор, Валентин Груевски од ЛДП и менаџерите на ова претпријатие не понесуваат никаква одговорност за неефикасното работење на ова претпријатие кое тоне во долгови. Додека безмилосно се касапат, македонските шуми и се богати зелената мафија, затоа што претпријатието не инвестира во нова опрема, сите пари се трошат за создавање неефикасен административен кадар од партиските редови на власта. ,,Македонски шуми” немаат доволно средства за шумски полицајци, додека претпријатието прима партиски кадри. За расипничкото менаџирање говори скандалот со купувањето нa луксузни службени возила за раководството, додека нема средства за теренски возила, кои се апсолутно потребни во борбата со шумската мафија“, истакнуваат од оваа партија.

Ова, како што потенцираат, не е изолиран случај само со ова јавно претпријатие, туку стана пракса во изминатите 30 години – јавните претпријатија да бидат најголеми загубари, за да ги задоволат апетитите на клиентелистичката машинерија на секоја власт.

Додаваат дека длабоко вкоренатата партизација ги уништува институциите кои треба да се јавен сервис.

„Но, јасно е дека без партиски вработувања, триото СДС-ДУИ-ДПМНЕ нема како да егзистира на политичката сцена!

Затоа, на престојните избори, македонскиот народ треба, конечно, да стави крај на тридецениското уништувачко владеење на овие партии и, конечно, нови генерации политичари да докажат дека може и мора да се управува поинаку“, истакнуваат од Левица.



Спонзорирани линкови

Маркетинг