Џани Ањели, најважната личност во италијанската економија: Го довел „Фиат“ во Југославија, бил симбол на Италија и страстен обожавател на „Јувентус“

Точка

29/04/2024

12:26

6.481

Големина на фонт

а а а

Џани Ањели бил најважната фигура во италијанската економија, симбол на капитализмот во втората половина на 20 век, „кралот на Италија“, како што многумина го нарекувале.

Тој бил во војната, ги шармирал најубавите жени на светот, најважниот индустријалец и главниот акционер на „Фиат“. Имал и свое „чедо“, торинскиот Јувентус.

Џани Ањели, најбогатиот човек во модерната италијанска историја. Размерите на неговото богатство најдобро може да го покаже податокот дека како шеф на „Фиат“ контролирал 4,4% од италијанскиот „БДП“. Доколку прашате било кој Италијанец, млад или стар, кој е олицетворие на шармот, симбол на италијанската повоена ренесанса, стил и моќ, ќе добиете само еден одговор – Ањели, „L’Avvocato“ (адвокат), како што од милост го нарекувале.


Торино, мека на династијата „Фиат“ основана од неговиот дедо Џовани во 1899 година. Иако е роден таму, тој останал приврзан за градот Вилар Пероса, кој се наоѓа на 40 километри од главниот град на провинцијата Пиемонт, област која станала синоним за „Фиат“ бидејќи имотот на семејството Ањели се наоѓал таму уште од 1811 година.

Трагедија и војна

Дедото Џовани се грижел за Џани откако и двајцата родители му починале кога тој бил многу мал. Таткото Едоардо загинал во авионска несреќа, мајката Вирџинија во сообраќајна несреќа, со разлика од само 15 дена.

На само 14 години, пред него било огромно поле на тага, богатство и осаменост. Со него сочувствувал и дедото Џовани, кој го советувал да ужива додека може, односно додека не ги преземе уздите во „Фиат“. Сепак, уживањето морало да почека.

Морал и да учи, па завршил на коњичката академија „Пинероло“, а подоцна студирал право во Торино, иако никогаш не се занимавал со адвокатура, но за неговиот прекар е заслужно токму правото.


Тој се приклучил на тенковскиот полк во јуни 1940 година кога Италија влегла во Втората светска војна од страна на силите на Оската.

Се борел на Источниот фронт, два пати бил ранет. Исто така, служел во дивизијата за оклопни автомобили кои ги набавил „Фиат“ за време на северноамериканската кампања, за што бил награден со Воен крст на храброста. Ањели станал офицер за врска со американските окупаторски трупи поради неговото течно познавање на англискиот јазик.

Леснотија на живеењето и најубавите жени на светот

Дошло и времето да го послуша својот дедо и со полни гради уживал во интерегнумот помеѓу војната и 1953 година, кога се оженил со Марела Карачоло, иако и тогаш не запрел во своите страсти и хедонизам. Џани се тркал низ улиците на Монако во еден од неговите многубројни автомобили, како дел од генерацијата џет-сет мажи, вклучително и Али Кан и Порфирио Рубироса, кои во 1950-тите ја усовршиле уметноста на плејбојот.


Безгрижната француска ривиера била нивното главно игралиште и кога и да биле заедно, само се ределе коктели и најпознатите светски модели. Неговата внука Изабела Ратаци изјавила дека бил вклучен во сè што Италијанците сакале: секс, автомобили и спорт“.


Меѓу жените кои биле заведени од Џани биле и Анита Екберг, Рита Хејворт, Линда Кристијан и Памела Черчил, снаата на сер Винстон Черчил.

Исто така, се појавиле гласини и дека бил заедно со првата дама Жаклин Кенеди бидејќи тие двајцата поминале извесно време во Вилата Епископио во Равело и околу брегот Амалфи во раните 60-ти. Романсата никогаш не била потврдена. Кога го прашале, Џани одговорил: „Не сакам да зборувам за жените, сакам да зборувам со нив“. Фотографиите на тој одмор со „Џеки О“ или на останатите патувања на Капри, Позитано, или Форте дел Марми откриваат од каде денешните отмени Италијанци и луѓето ширум светот ја добиваат својата модна инспирација.

„Фиат“

За сето тоа време за „Фиат“ се грижел Виторио Валета (станал директор во 1928 година), антифашист, масон, пријател на идниот претседател на Италијанската Република, Џузепе Сарагата. И по смртта на Џовани, тој останал на тоа место. Успешно ја водел компанијата во 40-тите и 50-тите години низ повоената индустриска реконструкција на Италија.

Од моментот кога од Валета го презел „Фиат“ во 1966 година, тој станал најважната компанија во Италија. Важел за крал на италијанскиот бизнис од 1960-тите до 1980-тите. Се отворале фабрики во Советскиот Сојуз, Шпанија, Јужна Америка и Бразил. Воспоставил и меѓународни сојузи, како тој со Ивек.

За време на светската енергетска криза во 1970-тите, тој продал дел од својата компанија на либискиот „Лафик“, во сопственост на Моамер Гадафи, а Ањели подоцна ќе ги откупи тие акции. Во 1969 и 1970 на „Фиат“ му се придружиле „Ферари“ и „Ланча“. Преку „Ферари“, Ањели бил поврзан и со „Формула 1“, а таа соработка резултирала со успеси со Ники Лауда и Џоди Шектер. Во тоа време „Фиат“ се ширел и на исток, преку договори со Полска, Турција и Југославија.


Во осумдесеттите години на минатиот век, забележана била зголемена продажба на „Фиат“ под Виторио Гидело, биле создадени „Фиат Уно“, „Крома“, „Ланча Тема“. Во 1986 година, по неуспешниот договор со „Форд“, Ањели ја купил „Алфа Ромео“ од италијанската држава. Во текот на 1990-тите, бидејќи „Фиат“ не можел да навлезе на неевропските автомобилски пазари, Ањели одлучил да формира сојуз со „Џенерал Моторс“.

Во 1991 година, Ањели бил назначен за доживотен италијански сенатор, а во 1997 година накратко стекнал де факто контрола над „Телеком Италија“.

Својот животен стил го променил само во контекст на дискреција и балансирање. Тој сè уште со хеликоптер се спуштал до Сестриере за да скија, се тркал на Корзо Маркони во Торино, каде што се наоѓале канцелариите до крајот на осумдесеттите. Бил редовен посетител на култните згради „Хотел Ду Кап“ и „Вилата Леополд“. За тоа време живеел во прекрасната куќа Фрескот од 19 век, каде што подоцна и починал. Оваа вила на ридовите на Торино била полна со слики од познати уметници – Пикасо, Моне, Бала, Фонтана, додека Марио Штано ги насликал ѕидовите на трпезаријата.

Од челната позиција на „Фиат“ се повлекол во 1966 година, по смртта на неговиот помал брат Умберто го наследил Лука Кордеро ди Монтеѕемоло, првиот човек на „Ферари“.


Јувентус

Ањели бил тесно поврзан со историјата на „Јувентус“ Неговите активности имале влијание во клубот како активностите на неговиот татко Едоардо Ањели дваесет години претходно (обидот да се купи Пеле преку акциите на „Фиат“, на што Бразилската фудбалска федерација никогаш не се согласила). Успеале да го купат Мишел Платини, а Ањели подоцна изјавил: „Го купивме за парче леб, а тој подоцна на него намачка паштета од гуска“.

Џани Ањели е заслужен за ерата на „Јувентус“ под водство на Роберто Баџо и Алесандро Дел Пјеро. Во 199 година „Јувентус“ ги комплетирал сите 5 големи натпреварувања на УЕФА со освојувањето на „Купот Интертото“, а следната година бил прогласен за седми најдобар клуб на сите времиња од страна на ФИФА.

Извесни набљудувачи наведуваат дека Калчополи и неговите последици биле спор помеѓу сопствениците на клубот кој следел по смртта на Џани и Умберто Ањели. Многумина тврделе дека сè би било поинаку доколку Ањели останел жив и дека името на клубот поинаку ќе се бранело.


Кралот на стилот и најпознатиот Италијанец во странство списанието „Esquire“ своевремено го рангирало меѓу великаните на стилот, заедно со Гери Купер, кралот Едвард III, војводата од Вибдзор и дениот Бо Брумел. Нино Черути го нарекол Ањели негова најголема инспирација заедно со Џејмс Бонд и Џон Ф. Кенеди. Насмеан, со цигара во устата ја носел вратоврската косо на костимите со потпис на Карачени, познати по спуштените раменици, внимателно одмерените јаки и целосно рачно изработените дупчиња за копчиња.

Тука биле и неизбежните мокасини „Tods“, „Rolex Daytona“, зелениот „Ferrari Testarosa Spider“, шорцовите „Wilbrokan“ со пешкир околу вратот, а понекогаш и ништо од сето тоа, додека бил зад кормилото на некоја од неговите јахти, секогаш придружувани од раскошни убавици.

Ќе остане запаметен како човек со остра интелигенција и необична смисла за хумор, можеби најпознатиот Италијанец во странство, посебно во САД и Њујорк, каде што создавал длабоки врски главно преку групата „Билдерберг“, на чии конференции редовно присуствувал од 1958 година.


Негови блиски пријатели биле Хенри Кисинџер, Џон Ф. Кенеди, Труман Капоти. Дејвид Рокфелер го назначил во Меѓународниот советодавен комитет на банката „Чејс Менхетен“, во чиј одбор седел 30 години.

Политички останал независен и не се приклучил на ниту една партија, но бил близок до Италијанската Републиканска партија. До својата смрт бил и почесен член на Меѓународниот олимписки комитет.

Кога земјата го оплакувала неговото заминување во 2003 година, луѓе од сите животни сфери му оддале почит. Големината на Џани била во неговата способност да го балансира својот страстен копнеж за живот со деловните амбиции и лидерството. Низ 30 предизвикувачки години на синдикални турбуленции, тероризам, политички скандали и подеми и падови во автомобилската индустрија, тој успеал да го претвори „Фиат“ во глобален конгломерат и недвосмислен симбол на Италија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk