Австралијанката Шарлот Босанке го напуштила факултетот и започнала сопствен бизнис, каде заработува и до 17.000 евра месечно. Сепак, нејзината работа не е за секого, а на многумина им се гади кога ќе видат што прави.
Таа основала компанија која чисти домови полни со ѓубре, но самата признава дека нејзината работа не е за секого, но се пофалила и дека успева да заработи дури 2.350 евра за една недела. Шарлот редовно објавува вирални видеа на социјалните мрежи на кои покажува како изгледа нејзиниот работен ден, пишува „Њујорк пост“.
Сè започнало кога Шарлот барала работа со скратено работно време додека студирала. Започнала со чистење на домови полни со ѓубре и набрзо сфатила дека својата страст ја наоѓа во преобразувањето на старите и запуштени домови. Својата страст ја претворила во успешен бизнис и ја основала компанијата „Care Cleaning Services“ со седиште во Сиднеј со девет вработени.
Шарлот е специјализирана за чистење на домовите на луѓе кои страдаат од синдром на таложење и признала дека чистењето на таквите домови за неа на почетокот било страшно искуство. Во насобраното ѓубре често наоѓала мртви глодари и измет, а додека работи носи ракавици и маски и користи специјализирани средства за чистење.
Нејзината работа бара многу труд и физички напор, а откри дека за чистење наплаќа од 3.100 до 12.300 евра. Откако ќе им плати на вработените и ќе ги одземе сите деловни трошоци ѝ остануваат нешто повеќе од 17.000 евра месечно.
Дел од заработката ја вложува во проширување на бизнисот и успеала да заштеди за да купи куќа. На 21 година станала сопственичка на својот прв дом и планира да го прошири бизнисот и да се пензионира кога ќе наполни 30 години.
„Не треба да избрзувате со заклучоци зошто нечиј дом е во таква состојба. Менталното здравје игра голема улога во тоа, па пред да коментирате, размислете што зборувате“, рече Шарлот, која понекогаш нуди бесплатни услуги за оние кои не можат да си дозволат да си ја исчистат куќата.
„Да можеш да им помогнеш на луѓето кои мислат дека нема излез е најдоброто чувство на светот“, вели Шарлот, која има само едно правило: „Колку е повалкана работата, толку подобро“.