Славниот италијански стратег, Фабио Капело даде свој коментар за инцидентот меѓу Серџо Консеисао и Давиде Калабрија, тренерот и капитенот на Милан кои се судрија по драматичната победа на екипата над Парма.
„Црвено-црните“ со два гола во судиското продолжение направија пресврт и дојдоа до славје од 3-2, но наместо да се говори за тоа и карактерот, борбеноста која одново составот од Милано ја покажа, во фокусот е Консеисао кој се „исклучи“ и му се нафрли на Калабрија, ситуација која можеше да ескалира ако двајцата не беа разделени на теренот.
- Не е нормално да се види како тренер се нафрла на ваков начин, против свој играч пред сите. Секако дека добивате расправии во фудбалот, понекогаш тешки, јас сум првиот што го знае тоа, но тоа мора да биде внатре, во соблекувалната, а не пред камерите. Двајцата виновници го намалија тоа во интервјуата по натпреварот, но јас останувам убеден дека ситуацијата беше симптом на некои очигледни тензии и повеќе од се, покажува малку нервоза од тренерот, - рече Капело и додаде:
- Мислам дека тоа произлегува од неговата тешкотија да го натера тимот да го следи. Милан не го прави тоа што го бара тренерот. Тие не притискаат доволно кога ја губат топката, не се агресивни, немаат лутина и конкурентност да победат. Може да се каже дека „росонерите“ донесоа дома пет победи од седум натпревари со Консеисао, но тие беа во минус и се враќаа во четири наврати. Тоа е тим кој реагира, наместо да дејствува, - порача дон Фабио за „Газета Дело Спорт“.