Американската компанија "Freefly" го претстави новиот дрон-систем "Flying Sun 1000", опремен со моќни "LED" диоди кои можат да осветлат голема површина на земја – слично на рефлектор.
Ова „Летачко Сонце“, како што би се нарекло на македонски, е особено корисно за потраги и спасувачки мисии, каде што традиционалното поставување светла е невозможно поради тежок и недостапен терен.
Компанијата со седиште во Вашингтон наведува дека "Flying Sun" е одличен и за градилишта, итни интервенции на патиштата, како и за брзи инфраструктурни инспекции.
Системот користи 288 "LED" диоди и испорачува светлина со јачина од 300.000 лумени. Работи во комбинација со "Alta X" квадкоптерот од истата компанија, а дизајнот е направен со фокус на едноставноста – дронот може да биде подготвен за лет во само неколку минути.
На батерија може да лета до 50 минути, но со приложениот кабел за струја, може да се поврзе на постојан извор на енергија, што овозможува целоноќен континуиран работен режим.
Интересно е што ладењето на "LED" светлата се решава преку воздушниот проток што го создаваат роторите на дронот, што овозможува илјадници часови работа без сервисирање.
Од "Freefly" истакнуваат дека „дифузното светло одозгора нуди подобра видливост, не заслепува и остава помалку сенки“, пренесува "Digital Trends".
Без сомнеж станува збор за иновативно технолошко решение кое нуди брзо, мобилно и интензивно осветлување во ситуации каде што тоа е клучно. Сепак, цената не е ниска – околу 60.000 долари.
"Freefly" моментално произведува по 10 вакви системи месечно, а првите испораки се очекуваат во јуни годинава.