Компактниот "SUV" најверојатно ќе користи нови четирицилиндарски мотори од Toyota, во поефикасни хибридни и "plug-in" хибридни варијанти.
"Toyota" ја очекува бурен период во наредните години. Со бројни освежувања и редизајни на повидок, овој автомобилски гигант тивко го подготвува теренот за новата генерација на своите најпродавани модели.
Еден од најочекуваните е новата генерација на "Toyota Corolla", која ќе пристигне во хечбек, седан и караван изведба. Но, логично се наметнува прашањето – што ќе биде со "SUV" верзијата, "Corolla Cross"?
Овој компактен "SUV", кој е позициониран како помала и поевтина алтернатива на "RAV4", наскоро ќе добие целосно освежување. Иако "Toyota" сè уште официјално нема објавено никакви детали, сите знаци укажуваат дека значителни промени се очекуваат во наредните години.
Иако прототипи за тестирање сè уште не се забележани на патиштата, дигиталниот уметник Теофилус Чин (познат како "Theottle") веќе се обидува да го пополни вакуумот.
Тој создаде интересни рендери кои ја прикажуваат идната "Corolla Cross" со најновите дизајнерски елементи на "Toyota", инспирирани од моделот "Urban Cruiser EV" – помал електричен SUV кој го најавува новиот дизајнерски правец на брендот.
На рендерите се гледа веќе препознатливото, ново „лице“ на "Toyota", со потесни "LED" фарови и чист преден дел без класична маска на ладилникот.
Додека тој преден дел делува доста веродостојно, страничниот профил и задниот дел всушност се преземени од моделот "Suzuki e-Vitara", механички близнак на "Urban Cruiser EV".
Во реалноста, следната генерација на "Corolla Cross" најверојатно ќе тргне во сопствена дизајнерска насока, со поизразени линии, слично како новите модели "C-HR" и "C-HR+". Сепак, се очекува да го задржи поаглестиот, „квадратест“ заден дел, во функција на подобра практичност и повеќе багажен простор.