Александар Овечкин е новиот најдобар стрелец во најсилната хокеарска лига на светот – "NHL"!
Русинот во дресот на Вашингтон Капиталс го постигна својот 895-ти гол во кариерата, и само еден ден по изедначувањето со легендарниот Вејн Грецки, се искачи сам на врвот на вечната листа на стрелци.
Моментот кој ќе остане запаметен – рекордот беше соборен на гостување кај Њујорк Ајлендерс.
Домаќините водеа со 2:0 по головите на Хорват и Гаткомб, но потоа дојде 28. минута од мечот.
На семафорот стоеше 7:26 од втората третина. Вашингтон имаше играч повеќе. Овечкин започна напад, повторно го доби пакот од левата страна, речиси од центарот на теренот, и шутираше силно …
И славјето можеше да започне. Овечкин се фрли на мразот, а арената експлодираше.
Нормално, натпреварот беше веднаш прекинат за да се одржи церемонија која ќе го овековечи историскиот момент. Ако Американците нешто умеат – тоа е да направат спектакл.
„Капиталс“ славеа, мразот беше нивен, но честитки стигаа и од противниците.
Од трибините одекнуваше: „Ови, Ови, Ови!“
Посебна симболика доби и гласот што го следеше Овечкин низ кариерата. Џо Бенинати, спикерот на Вашингтон, кој беше тука кога Овечкин го постигна својот прв гол – беше тука и сега. И повторно неговиот глас одекна низ салата при историскиот 895-ти гол.
Присутен беше и Вејн Грецки, човекот чии рекорди сега се минато. Тој го следеше секој меч на Вашингтон додека Овечкин му се приближуваше.
„Реков дека ќе бидам тука и дека ќе бидам првиот што ќе ти ја стисне раката кога ќе го срушиш рекордот“, рече Грецки на церемонијата.
Some greats recognizing #Gr8ness 🫡 pic.twitter.com/uaKFeBujnt
— NHL (@NHL) April 6, 2025
За крај, Овечкин низ шега му се заблагодари на голманот на Ајлендерс, Иља Сорокин, што конечно „му дозволи“ да му даде гол – бидејќи дотогаш никогаш не го матирал.
А за целата приказна да звучи како бајка, следува фасцинантна статистика:
• Вејн Грецки својот 894-ти гол го постигна на 1.487-миот натпревар – против Ајлендерс
• Александар Овечкин својот 895-ти гол го постигна на својот 1.487-ми натпревар – исто така против Ајлендерс
Како сценарио напишано од судбината.