Додека глобалните пазари забележаа драматичен пад во последните недели предизвикан од враќањето на агресивната царинска политика на Доналд Трамп, единствениот од десетте најбогати луѓе во светот кој забележал зголемување на богатството оваа година е Ворен Бафет.
Според податоците на „Bloomberg Billionaires Index“, нето вредноста на Бафет се зголемила за 12,7 милијарди долари во 2025 година, и покрај големите загуби на другите милијардери. Сега има вкупно 155 милијарди долари, што го става на шестото место на глобалното рангирање на најбогати луѓе.
Во меѓувреме, пазарниот шок предизвикан од новите царини на Трамп за кинески стоки и европски производи за само неколку дена избришал речиси осум трилиони долари пазарна вредност. Технолошките милијардери биле најтешко погодени: Илон Маск загубил дури 130 милијарди долари од почетокот на годината, Џеф Безос над 45 милијарди, а Марк Закерберг 28 милијарди долари.
Растот на богатството на Бафет е резултат на неговата конзервативна инвестициска стратегија, која вклучува зголемување на уделот на неговата компанија „Berkshire Hathaway“ во петте најголеми јапонски трговски компании – „Mitsui“, „Mitsubishi“, „Sumitomo“, „Itochu“ и „Marubeni“. „Berkshire“ сега има речиси 10 проценти од секоја од нив, потег што се покажал успешен во услови на глобална пазарна криза.
За разлика од неговите конкуренти, Бафет во текот на последните години продавал акции и акумулирал рекордни парични резерви, кои достигнале дури 321 милијарда долари на крајот од 2024. Токму оваа огромна сума на расположливи пари му овозможила стабилност и раст дури и во турбулентна година како оваа.
Ворен Бафет, познат како „Пророкот од Омаха“, го изградил своето богатство преку долгорочна и дисциплинирана инвестициска стратегија. Во својот пристап, тој се потпира на долгорочни инвестиции, доследно придржувајќи се до јасни начела.
Стратегијата на Бафет се заснова на купување на потценети акции на компании кои имаат стабилни основи, силен менаџмент и одржлива конкурентска предност. Бафет избегнува шпекулации и смета дека падот на пазарите е можност за купување квалитетни акции по поповолна цена.
Меѓу неговите клучни совети е познатата изјава „Бидете плашливи кога другите се алчни, и алчни кога другите се плашливи“, охрабрувајќи ги инвеститорите слепо да не ги следат пазарните трендови, туку рационално да ја проценат вистинската вредност на компаниите.
Што се однесува до царините, Бафет изразил загриженост за нивните економски последици. Во интервју за „CBS News“ во март, тој ги опишал царините како „чин на војна до одреден степен“ и предупредил дека тие дејствуваат како данок на стоки, што потенцијално ја зголемува инфлацијата.
Бафет претходно ги критикувал царините, нарекувајќи ги „скриен данок на потрошувачите“. За време на трговските тензии меѓу САД и Кина во 2018 година, тој исто така предупредил дека „царините можат да предизвикаат голема штета на економијата и да го загрозат глобалниот раст“, сугерирајќи дека тие долгорочно им штетат и на американските граѓани и на компаниите кои ги плаќаат преку зголемените цени на производите.
И покрај пазарните превирањата предизвикани од воведувањето на новите царини, стратегијата на Бафет јасно покажува сила во вакви времиња.