G класата на "Mercedes" одамна го надмина поимот теренец, а изданијата со потписот на "Brabus" редовно навлегуваат во територија на одбраните, нудејќи навидум неспоив спој од робусност, луксуз и врвна динамика при возење.
Најкратко кажано, замислете суперавтомобил кој не се плаши од макадам, песок, кал или снег. Возило со речиси борбен карактер кое лесно ќе го видите паркирано пред ноќен клуб, а понекогаш дури и пред театар. Сè зависи од вкусот на сопственикот – затоа што оваа G класа навистина може сè.
"Brabus XL 800" е изграден врз основата на "Mercedes-AMG G 63", но доаѓа со сериозни модификации што ја менуваат динамиката на возењето. Најзабележлива е зголемената висина, постигната со инсталација на портални оски. Со 22-инчни "BRABUS Monoblock Z/HD" тркала и теренски гуми, "XL 800" има импресивен клиренс од дури 47 сантиметри – што значи дека може да се искачи таму каде што другите се откажуваат.
Но тоа не значи дека е бавен – "4.0 twin-turbo V8" моторот сега развива 800 коњски сили при 6600 вртежи во минута и 1000 Nm вртежен момент достапен од 3600 вртежи. Доволно за 0 – 100 km/h да постигне за само 4.6 секунди. Максималната брзина е електронски ограничена на 210 km/h поради специјалните гуми.
Дополнително, можете да влијаете и на звукот на издувниот систем. Системот нуди активна контрола на звукот – во „Sport“ режим "XL 800" грми како тркачки автомобил, а во „Coming Home“ режим тивко шепоти за да не го разбудите соседството.
Станува збор за екстремно возило што изгледа како оклопен транспортер. Широките карбонски крила, агресивниот преден браник со интегрирано витло (со капацитет за влечење до 4.5 тони!) и "LED" светлата на покривот јасно го откриваат неговиот авантуристички дух. Детали како карбонски дифузер, четири хромирани издувни цевки и спектакуларен „Launch Ambience“ светлосен ефект го подигаат целото искуство на ново ниво.
Новиот модел од "Brabus" е уште поексклузивен во внатрешноста, носејќи го потписот "BRABUS MASTERPIECE" – што значи рачно изработен ентериер со најдобрите материјали. Сива кожа со препознатлив „Double Cube“ шев, карбонски детали, амбиентално осветлување и спортски елементи како алуминиумски педали и осветлени "LED" прагови прават да се чувствувате како во кокпит на приватен млазер. Седиштата се перфорирани за подобра вентилација, а на покривот има и дополнителен инструмент панел за задните патници, кој прикажува брзина, време и датум.
А сега – назад во реалноста. За ваква модификација, "Brabus" наплаќа најмалку 630.767 евра, без вклучен данок и дополнителна опрема – која идните сопственици сигурно нема да ја изостават. Сметајте и на просечна потрошувачка од 20.1 литар/100 км, и емисија на CO₂ од 456 g/km.