Драма во Италија: Дали фудбалски великан ќе се спаси на сензационален начин?

Точка

19/05/2025

15:38

1.004

Големина на фонт

а а а

Во италијанската Серија Б избувна вистински правен и спортски потрес откако денес Бреша беше казнета со одземање на четири бодови поради сериозни финансиски неправилности – што директно влијае на битката за опстанок и отвора неочекувана шанса за Сампдорија.

Според информации од италијанските спортски медиуми, вклучувајќи ги "Gazzetta dello Sport" и "Calcioefinanza", Бреша е казнета поради нерегуларности во исплатата на плати и придонеси за февруари оваа година. Клубот наводно се обидел да ги покрие своите даночни обврски користејќи непостоечки даночни кредити – нешто што го открил "Covisoc", телото задолжено за финансиска регуларност во италијанскиот фудбал.

По официјалната потврда од даночната агенција на 16 мај дека пријавените кредити не се валидни, "Covisoc" веднаш го предал случајот на федералното обвинителство, кое во рекордно време ја заврши истрагата. На 18 мај (недела) беше донесена одлука за казна од четири бодови, со што Бреша паѓа на претпоследното место и директно испаѓа во Серија Ц, заедно со Косенца и Читадела.


Откажан е натпреварот за опстанок (плеј-аут)

Оваа одлука целосно ја менува ситуацијата на дното од табелата. Фросиноне се спасува без да одигра плеј-аут натпревари, додека Салернитана, која веќе се подготвуваше за дуел со Фросиноне, добива нов противник. Најголем добитник е Сампдорија – поранешен шампион на Италија – која веќе беше откажана од страна на спортската јавност и на прагот на првото историско испаѓање во трета лига. Сега добива втора шанса преку плеј-аут против Салернитана.

Првиот натпревар ќе се одигра во Џенова, а реваншот во Салерно.

Серија Б официјално го потврди одложувањето и поништувањето на претходно закажаните плеј-аут средби помеѓу Салернитана и Фросиноне, а новиот распоред ќе биде објавен откако казната за Бреша ќе стане правосилна. Доколку Бреша поднесе жалба, можно е дополнително одложување, но италијанската фудбалска федерација и лигата се обидуваат што побрзо да донесат конечна одлука со цел сезоната да заврши регуларно и транспарентно.


Интересно е што ова можеби не е крајот на проблемите за Бреша. Доколку при дополнителните проверки се утврдат неправилности и за април, клубот би можел да се соочи со нови санкции – но тие би се применувале во следната сезона.

Сите погледи сега се вперени кон "Tribunale Federale Nazionale", кој во наредните денови треба да ја донесе конечната пресуда.