Блискиот Исток станува новиот дом за сè поимпресивна колекција на суперавтомобили и егзотични возила. Дел од нив понекогаш страдаат во хаварии или сообраќајни несреќи. Оштетените возила често завршуваат на авто-отпади, каде се демонтираат за резервни делови.
Екипата од "Hagerty" неодамна истражуваше неколку од огромните авто-гробишта во Дубаи и наиде на неколку интересни откритија. Можеби највпечатлив е моделот "Lotus Eletre".
Електричниот "SUV" на "Lotus" беше претставен во 2022 година, но официјалните испораки започнаа дури во 2024. Примерокот пронајден на отпадот нема видливи оштетувања на каросеријата, па многу од сјајните жолти панели сè уште би можеле да се искористат. Механички, јасно е дека воздушната суспензија откажала, поради што возилото „вреди“ помалку од нормалното. И рачките на вратите се исфрлени – што исто така упатува на дефект. Точната причина за предвременото завршување на животниот век на овој "Lotus" не е позната, но претпоставките се дека возилото страдало во поплава.
Жолтиот "Lotus Eletre" е само еден од многуте спортски и луксузни автомобили што се насобрани на авто-отпадите во Дубаи. Познатиот автомобилски фотограф Лери Чен неодамна посети еден од тие огромни отпади и прикажа разни оштетени автомобили, меѓу кои "Bentley", "Rolls-Royce", "McLaren", "Ferrari", "Lamborghini", "Porsche", "Aston Martin" и "Maserati".
Според Чен, тоа бил најшарениот отпад што некогаш го посетил, благодарение на впечатливата палета на бои што ги красат автомобилите од високата класа. Отпадот е многу добро организиран, со посебни простории посветени на различни автомобилски делови. Не е изненадување со оглед дека некои делови се особено барани и неверојатно скапи – на пример, сет од карбон-керамички сопирачки може да чини и до 50.000 долари кога се купуваат нови.
Чен посети и отпад специјализиран за американски "muscle" автомобили, од брендови како "Ford", "Chevrolet" и "Dodge", кој нуди резервни делови за тоа специфично пазарно побарување. Сè на сè, Чен беше импресиониран од разновидноста на возилата за ентузијасти што ги најде на отпадот – глетка која е невозможно да се види на авто-отпад во Америка или Европа.