Проектот за ветерен парк Богданци во вредност од 37,6 милиони евра влегува во финална фаза на реализација

Макфакс

28/05/2025

13:23

255

Големина на фонт

а а а

АД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) и Siemens Gamesa Renewable Energy (SGRE) денес потпишаа клучни договори за реализација на проектот Ветерен Парк Богданци – втора фаза. Ова стратешко партнерство ќе го зголеми капацитетот на обновлива енергија и ќе ја зајакне енергетската независност на државата. Проширувањето на ветерниот парк претставува значајна инвестиција во енергетската инфраструктура на обновливи извори во Македонија. Договорите беа потпишани од страна на Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ, и Стјепан Черкез од виенската канцеларија на SGRE.

Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра. Оваа сума е обезбедена преку комбинација од поволен заем од KfW Развојна банка (25,7 милиони евра), грант од ЕУ преку Инвестицискиот Рамковен Фонд за Западен Балкан (WBIF) (приближно 8,9 милиони евра) и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 3 милиони евра. Ова е доказ дека Германија и Европската Унија се долгорочни стратешки партнери на Македонија на патот кон климатска неутралност и енергетска трансформација.

Втората фаза предвидува изградба на четири ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и ќе ја зајакне стабилноста на енергетскиот систем на државата. Оваа инвестиција ќе го зголеми инсталираниот капацитет на ветерниот парк за дополнителни 15 MW, со очекувано годишно производство од 46 GWh електрична енергија – што е доволно за задоволување на потребите на околу 6.000 домаќинства. Вкупно, над 22.000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија.

„Овој проект претставува моќен симбол за тоа што можеме да постигнеме преку стратешко партнерство, доверба и заедничка визија за позелена и поотпорна иднина. Тој ја зајакнува нашата национална посветеност кон забрзување на енергетската транзиција, зголемување на капацитетите за обновлива енергија и зајакнување на енергетската независност на нашата земја“, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.

„Германија, ЕУ и Северна Македонија се обединети за одржлива и јаглеродно-неутрална енергетска иднина: проширувањето на ветерниот парк Богданци во соработка помеѓу германската развојна банка КфВ, ЕУ ВБИФ и ЕСМ е уште една илустрација на нашето континуирано силно партнерство. Енергијата од ветер се издвојува како една од најчистите енергетски извори поради нејзината нула-емисиона работа и исклучително нискиот јаглероден отпечаток низ целиот животен циклус“, кажа Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија.