Имате висок холестерол? Нутриционистите откриваат што не треба да правите по 17 часот

Точка

29/05/2025

17:31

1.582

Големина на фонт

а а а

Високиот холестерол го зголемува ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар. Иако е важно денот да се започне со здрави навики, начинот на кој го завршуваме денот е исто толку значаен. Нутриционистите издвојуваат четири навики кои треба да се избегнуваат по 17 часот ако се обидувате да го намалите холестеролот.

1. Доцно вечерно грицкање

Грицките како чипс и слатки се често полни со заситени масти и шеќери, што го зголемува ЛДЛ („лошиот“) холестерол. Ако не сме навистина гладни, совет е да ја прескокнеме ужинката или да избереме нешто хранливо – на пример, овесни снегулки, јаткасти плодови, овошје или зеленчук. Обидете се да го организирате денот така што оброците ќе внесуваат доволно растителни влакна, здрави масти и протеини.


2. Нередовен сон

Лошата рутина на спиење може да ја зголеми вредноста на ЛДЛ холестеролот и да го намали ХДЛ („добриот“) холестерол. Спиењето влијае на хормоните кои ја регулираат гладта и ситоста, па може да доведе до лоши избори во исхраната. Треба да се стремиме кон најмалку седум часа сон секоја ноќ и да се избегнуваат екрани и тешки оброци непосредно пред легнување.


3. Алкохол во вечерните часови

Алкохолот навечер може да го наруши сонот, да ги зголеми триглицеридите и да поттикне полоши избори во исхраната. Нутриционистите препорачуваат намалување на консумацијата на алкохол, особено во вечерните часови. Наместо тоа, подобро е да се избере вода со овошје или безалкохолни коктели без додаден шеќер.


4. Оброци богати со заситени масти и шеќери

Тешките и мрсни оброци навечер, како и слатките десерти, можат да доведат до вишок калории и да ја влошат состојбата со холестеролот. Избегнувајте пржена храна, слатки и преработени јаглехидрати. Наместо тоа, изберете урамнотежени вечери со растителни влакна, здрави масти и немасни протеини.

Контролата на холестеролот не зависи само од диетата – важна е и секојдневната рутина. Навечер треба да избираме квалитетна храна, да се грижиме за добар сон и да го ограничиме алкохолот. Како што велат стручњаците, здравјето е обврска што трае 24 часа на ден – малите вечерни навики можат да имаат големо влијание врз нашата долгорочна добросостојба.