[ФОТО/ВИДЕО] Германски град нуди 2 недели бесплатно сместување: Оние на кои ќе им се допадне можат и да се преселат

Точка

30/05/2025

20:26

2.591

Големина на фонт

а а а

Град во источна Германија нуди две недели бесплатно сместување за да ги охрабри луѓето да се преселат таму и на тој начин да го зголеми своето население.

Ајзенхитенштат (Eisenhüttenstad), кој се наоѓа на границата со Полска, на околу 100 километри од германската престолнина Берлин, нуди 14-дневен пробен престој за потенцијални нови жители, според соопштението на локалниот совет од 13 мај, пренесе Си-ен-ен.

„Проектот е наменет за сите кои се заинтересирани да се преселат во Ајзенхитенштат – како што се патници, повратници, квалификувани работници или самовработени лица кои сакаат промена на животната средина“, се вели во соопштението, во кое се наведува дека апликациите се отворени до почетокот на јули.


Избраните учесници бесплатно ќе престојуваат во наместен стан од 6 до 20 септември како дел од „иновативен проект за имиграција“ наречен „Испланирај сега“, соопшти градскиот совет.

„Тие ќе имаат можност да се запознаат со животот, работата и заедницата во Ајзенхитенштат преку 14-дневен пробен престој — бесплатен и во срцето на градот“, се вели во соопштението.

За да им се овозможи на учесниците да добијат вистински впечаток за градот, општината ќе организира низа активности, вклучувајќи обиколки на градот, фабрики и разни екскурзии.


Советот, исто така, ќе ги охрабри учесниците трајно да останат во градот, со поддршка на локалните фирми кои ќе понудат пракси и интервјуа за работа.

Ајзенхитенштат, што се преведува како „Град на челикот“, бил основан во 1950 година и е првиот целосно планиран град изграден под социјалистичката влада на поранешна Источна Германија.


Сместен на бреговите на реката Одра, градот е изграден околу огромна челичарница.

Претходно беше познат како Сталинштат, т.е. „Сталиновиот град“, по советскиот лидер Јосиф Сталин, а беше преименуван по обединувањето на Источна и Западна Германија по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.

Како и многу градови во поранешна Источна Германија, Ајзенхитенштат доживеа пад на населението по повторното обединување – од поранешните 50.000 на сегашните околу 24.000, изјави локалната службеничка Јулија Басан за медиумската куќа „RBB24“.

Програмата има за цел да привлече постојани жители, особено квалификувани работници, додаде Басан.


Денес, Ајзенхитенштат е дом на најголемата интегрирана челичарница во источна Германија, која вработува 2.500 луѓе и е важен центар за обработка на метали.

Еден од неодамна преселените жители рекол дека архитектурата на градот го натерала да се пресели.


„Тоа беше целосна случајност“, рекол човекот во видео објавено на Инстаграм профилот на градската администрација.

„Патувавме со пријателите до Рацдорф и поминавме низ Карл-Маркс-Штрасе. Ги видов тие куќи, таа архитектура што целосно ме импресионираше и ѝ реков на сопругата: „Ќе се преселам тука“, раскажал тој.

Подоцна организирал обиколка на градот со локален историчар за да дознае повеќе.

„По обиколката бевме толку воодушевени од архитектурата што тоа всушност беше клучниот момент“, истакнал тој.