Експертот предупреди дека четките за заби не треба да се оставаат во близина ВЦ школката бидејќи на нив можат да се задржат штетни бактерии кои можат да влијаат на здравјето.
Редовното миење на забите, најмалку двапати дневно, е клучно за спречување на кариес и заболувања на непцата. Сепак, четките за заби често се изложени на бактерии, а Брајан Тауард, експерт за бањи и извршен директор на компанијата „Wholesale Domestic“, истакна дека многу луѓе ја прават истата грешка – ја чуваат четката за заби во близина на ВЦ школката, пренесе „Express“.
Четката за заби треба да се чува подалеку од ВЦ школката
„Четката за заби оди директно во устата, па затоа треба да се чува на најмалку еден метар од ВЦ школката и треба да биде покриена, особено ако ја делите бањата со други луѓе. Доколку ја чувате премногу блиску, може да се контаминира со прскање од ВЦ школката, кое може да содржи бактерии како ешерихија коли. Ова може да доведе до болести како цревни инфекции и инфекции на уринарниот тракт. Затоа секогаш треба да го спуштите капакот пред да пуштите вода во ВЦ школката“, објасни Тауард.
Ешерихија коли е бактерија која се наоѓа во цревата на луѓето и другите животни, а некои соеви можат да предизвикаат сериозно труење со храна. Се пренесува преку измет, како и преку контаминирана вода и храна. Инфекцијата може да предизвика дијареја, болки во стомакот и повраќање.
Експертите од „Paradise Dental Associates“ се согласуваат и порачуваа: „Не чувајте ја четката за заби близу до ВЦ школката бидејќи таа е полна со бактерии. Не сакате тие бактерии да бидат близу до вашата четка за заби. Најдобро е да ја држите што подалеку од ВЦ школката. Доколку вашата бања е мала и немате доволно простор за складирање, секогаш спуштете го капакот пред да пуштите вода и ставете капак на четката за заби кога ќе се исуши. Исто така, редовно дезинфицирајте ја четката“.
Тауард, исто така, потсети на важноста од редовна замена на четката за заби. „Стоматолозите препорачуваат менување на четката за заби на секои три месеци, но многу луѓе го прават тоа поретко. Старата четка за заби не само што ја губи својата ефикасност, туку и собира бактерии со текот на времето. Доколку сте биле болни, важно е да ја замените четката бидејќи во спротивно ризикувате повторно да се изложите на болеста дури и откако ќе закрепнете“, истакна експертот.