„Attrap’Rêves“ е невообичаен хотел кој се наоѓа на само 15 минути возење од Марсеј и околу половина час од Екс-ан-Прованс. Семеен бизнис кој настанал од детски соништа, сега ги остварува соништата на своите гости.
Истовремено возбудлив и романтичен, скриен од светот, нуди искуство на луксузно хотелско сместување, додека имате чувство како да кампувате.
Хотелот „Attrap’Rêves“ нуди „апартмани“ во пластични балони кои им овозможуваат на гостите уникатен поглед на ноќното небо и ѕвездите – од нивниот кревет, како и чувство на целосна фузија со околната природа. Секоја „купола“ е целосно одвоена од другите, па затоа приватноста е загарантирана.
Секој балон е украсен во различен стил и содржи кревет, простор за седење и помали парчиња мебел за складирање, додека приватната бања е надвор од балоните. Услугите што ги нуди хотелот дополнително го подобруваат ова искуство – од џакузи, појадок или вечера „пред врата“ до шампањ и масажи.
Секој балон е опремен со телескоп, бидејќи ѕвезденото провансалско небо е најчестата причина зошто гостите престојуваат во овие проѕирни куполи. Цената за едно ноќевање изнесува 149, односно 189 евра во сезона, а сите детали и информации можете да ги најдете на нивната веб-страница.
Овој семеен хотел е специјализиран за необично сместување кое нуди искуство пред сè, па можете да престојувате и во шармантни колиби или необични куќи на дрво кои личат на кошници.