По жестоките реакции од фудбалската јавност и официјалната жалба од Атлетико, УЕФА во соработка со ФИФА и Меѓународниот одбор за фудбалски правила (IFAB) одлучи да го измени правилото што предизвика најмногу полемики во штотуку завршената сезона. Според новата регулатива, која стапува на сила од 1 јули 2025 година, доколку играч ненамерно ја допре топката двапати при изведување пенал и постигне гол, ударот ќе се повтори – наместо автоматски да биде поништен, како што беше досега.
Повод за оваа промена беше контроверзниот случај од осминафиналето на Лигата на шампионите меѓу Атлетико Мадрид и Реал Мадрид, кога на Хулијан Алварез му беше поништен гол поради ненамерен двоен допир на топката при изведување пенал во пенал-серијата. Аргентинецот ја погоди мрежата, но по ВАР проверката погодокот беше поништен. Снимката покажа дека Алварез, поради лизгање, со стоечката нога едвај ја допрел топката пред да ја удри со другата нога.
Целта е зголемување на правичноста
Според дотогашното правило (Правило 14.1), секој двоен допир – без оглед дали е намерен или не – значеше автоматско поништување на голот и ударот се сметаше за промашување. Реал Мадрид на крајот се пласираше понатаму, а Атлетико поднесе официјална жалба до УЕФА.
Новото официјално фудбалско правило предвидува дека пеналот ќе се повтори ако резултира со гол, а претходно играчот ја допрел топката двапати ненамерно. „Кога изведувачот на пеналот случајно ја удри топката со двете нозе истовремено или ако топката веднаш по ударот го допре стапалото или ногата што не ја изведуваше, а топката притоа заврши во голот – ударот ќе се повтори“, стои во објаснувањето на "IFAB" и се додава:
„Доколку таквиот пенал биде промашен за време на натпревар, се досудува индиректен слободен удар. Ако се случи во пенал-серија – ударот се смета за промашување.“
Главната причина за промената е стремежот кон поголема правичност и избегнување на ситуации во кои играчите би биле строго казнети со поништување на гол поради случаен, ненамерен двоен допир. "IFAB" и УЕФА нагласија дека ваквите случаи се исклучително ретки, но дека правилата мора да бидат јасни и правични за сите учесници.