Кристал Палас го освои ФА купот и си обезбеди место во Лига Европа, но истото е ставено под знак прашалник поради поврзаноста на сопственикот Џон Текстор со француски Лион.
Палас и Лион треба да играат во истото натпреварување, што се коси со важното правило на УЕФА со кое се забранува вакво нешто на два клуба со ист сопственик, па премиерлигашот и натаму го очекува конечниот одговор на Европската фудбалска федерација.
Истовремено, Нотингем Форест активно лобира во УЕФА за елиминација на Кристал Палас, што пак би значело дека местото во Лига Европа би му припаднало на тимот на поранешниот европски шампион.
Нотингем со одличната сезона си обезбеди место во Конференциската лига, но раководството има поголеми амбиции и сака да оди во еден европски ранг погоре, односно да добие шанса да настапува во Лига Европа, од каде ќе обезбеди и многу поголем финансиски бенефит.
Косопственикот на Кристал Палас, Дејвид Блицер има финансиска контрола и над дански Брондби, кој ќе игра во Конференциската лига, па се чини дека и оваа опција не е изводлива за лондонскиот клуб.
Лион има предност во однос на Палас бидејќи обезбеди подобар пласман во домашното првенство.