Едните го „држат“ Гинисот, други имаат кралеви, трети тврдат дека таму се веќе 500 години: Трка за титулата најстар ресторан

Точка

16/06/2025

21:19

951

Големина на фонт

а а а

„Собрино де Ботин“, ресторан во Мадрид, е официјален носител на Гинисовиот рекорд за најстар ресторан во светот, а сега се соочува со предизвик. Всушност, „Каса Педро“, друг мадридски ресторан, тврди дека е уште постар.

Основан во 1725 година, „Собрино де Ботин“ се наоѓа на само неколку чекори од познатата Плаза Мајор и е познат по својата фурна на дрва и богатата историја. Меѓу познатите, го посетиле Труман Капоте, Ф. Скот Фицџералд, а го овековечил и Ернест Хемингвеј во неговиот роман „Сонцето исто така изгрева“, каде што го опишал како „еден од најдобрите ресторани во светот“.


„Собрино де Ботин“ доби официјално признание од Гинис во 1987 година, а оваа година прослави 300 години континуирано работење. Од друга страна, на периферијата на Мадрид се наоѓа „Каса Педро“, рустична таверна која се натпреварува за истата титула, пишува „Јуроњуз“.

Оваа таверна била домаќин на шпански кралеви, вклучувајќи го Хуан Карлос Први и сегашниот крал Фелипе Шести. Сопствениците тврдат дека „Каса Педро“ ја преживеала Војната за шпанското наследство на почетокот на 18 век, што би го направило постар од „Собрино де Ботин“.


„Фрустрирачки е кога ќе кажете: ‘Да, постоиме од 1702 година’, но не можете да го докажете тоа. Ако го погледнете логото на ресторанот, таму пишува ‘Каса Педро, од 1702 година’. Сега сакаме да го докажеме тоа“, изјавила менаџерката на ресторанот, Ирене Гињалес.

Гињалес ангажираше историчар кој досега пронашол документи што потврдуваат дека ресторанот работи од најмалку 1750 година. Потрагата по цврсти докази дека „Каса Педро“ датира од 1702 година сè уште е во тек. Но, прашањето е: Како еден ресторан воопшто може да ја добие таа титула?

Според портпаролката на Гинисов рекорд, Кајли Галовеј, упатствата за наградата се достапни само за апликантите и бараат „значајни докази и документација за континуираното работење на ресторанот во текот на годините“.


Антонио Гонзалез, сопственик на „Собрино де Ботин“ од трета генерација, рече дека Гинис барал докази дека ресторанот работел континуирано на истата локација и под истото име. Единствениот прекин бил за време на пандемијата, како што бил случајот со „Каса Педро“.

Критериумите автоматски исклучуваат некои постари ресторани, како што е парискиот „Ле Прокоп“, основан во 1686 година, бидејќи не го исполнувале условот за континуитет.

Работите стануваат уште покомплицирани: римска траторија би можела да ја земе титулата и од „Собрино де Ботин“ и од „Каса Педро“.


Сместена во историскиот центар на Рим, на Виколо дела Кампана, „Ла Кампана“ нуди вкус на автентична римска кујна со допир на историја и се гордее со повеќе од 500 години работење, повикувајќи се на документи прикажани во менито и сопствена историска публикација.

Сопствениците тврдат дека ја собрале целата потребна документација и планираат наскоро да поднесат апликација до Гинис, но во моментов останува да се види кој од овие три ресторани ќе ја земе титулата најстар ресторан во светот.