Авто-гигантот брутално искрен: „Луѓето повеќе не се грижат што има под хаубата“

Супермен

17/06/2025

12:31

1.378

Големина на фонт

а а а

"Ford" тврди дека на купувачите веќе не им е важно дали автомобилот има класичен мотор, а интересот за погоните со внатрешно согорување опаѓа.

"Ford" верува дека деновите кога моторите со внатрешно согорување го дефинираа автомобилот – се речиси минато. И тоа не само поради растечката популарност на електричните возила, туку и поради длабока промена во размислувањето на потрошувачите.

„Луѓето веќе не се грижат како порано што го придвижува автомобилот“, изјави Џон Лоулер, потпретседател на "Ford", на конференција организирана од компанијата Бернштајн.

„Не мислам дека денешните купувачи размислуваат за погонските системи како пред 30 години. Тогаш моторот го дефинираше автомобилот – коњски сили, зафатнина, вртежен момент … Мислам дека сето тоа во голема мера исчезна“, додаде Лоулер.


Иако ентузијастите за автомобили можеби не се согласуваат со оваа оценка, факт е дека денешните купувачи имаат сосема поинакви приоритети.

Во 2025 година, при избор на нов автомобил, сè поголемо значење имаат дизајнот, мултимедијата, безбедносните и помошните системи, наместо типот или големината на моторот.

Намалувањето на интересот за моторите со внатрешно согорување е дополнително забрзано од сè построгите еколошки прописи, кои ги принудуваат производителите да користат мали и ефикасни агрегати.


Освен неколку ретки исклучоци како "Toyota GR Yaris" или "GR Corolla" со триилиндарски мотори, малите мотори денес ретко кого возбудуваат.

Во 1990-тите – како што потсети Лоулер – постоеше поголема разновидност на интересни модели. Денес тоа е минато, особено во Европа, каде според сегашните планови, од 2035 година сите нови автомобили ќе мора да бидат без мотори со внатрешно согорување.

Пример за тоа е "Mercedes-AMG C63", кој сега има четирицилиндарски мотор – промена која ги одвраќа љубителите на класичните "V8" машини. Иако хибридниот систем носи подобри перформанси, многумина и понатаму копнеат по звукот и моќта на „стариот добар“ V8.


"Ford" сè уште го нуди 5.0-литарскиот "V8" мотор во "Mustang", но станува сè потешко да се продава во Европа поради високите даноци на емисии и зафатнина.

Дополнително, пазарот е преплавен со "SUV" модели, чии купувачи повеќе го ценат просторот, безбедноста и технологијата, отколку типот на моторот или неговите перформанси.

Автомобилските ентузијасти отсекогаш биле малцинство – а денес тоа малцинство е уште помало. Со подемот на електрификацијата, иднината за љубителите на класичните мотори изгледа сè потемна.

Сепак, не е сè загубено. Нови спортски хибриди како "Honda Prelude" можат да го продолжат животниот век на класичните мотори уште некое време. Синтетичките горива исто така добиваат на значење, па останува надежта дека производителите сепак ќе најдат начин да ја одржат страста кон моторите – жива.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk