Доаѓањето на Иван Јуриќ на тренерската позиција во Аталанта очекувано ќе значи и следење на неговите приоритети во летниот преоден рок, а хрватскиот стручњак веќе успеал да оствари и еден посакуван трансфер.
Составот од Бергамо во новата сезона ќе биде посилен за Камалдин Сулемана, крилен напаѓач кој доаѓа од Саутемтпон, односно екипата која Јуриќ ја водеше минатата сезона.
Интернационалецот од Гана ќе се пресели во Серија А, а Аталанта ќе издвои 17 милиони евра, плус уште 4 милиони евра во евентуални бонуси.
Сулемана најчесто игра на левата крилна позиција, но може да покрива и како напаѓач, а со своите настапи очигледно го убедил Јуриќ дека може да направи разлика во екипата која ќе игра и во Лигата на шампионите.
Се работи за 23-годишен играч кој во редовите на „светците“ дошол од тимот на Рен, но сега ќе може полесно да замине бидејќи Саутемптон не успеа да обезбеди опстанок во Премиер лигата.