"Lada Niva Sport Turbo" е специјално конструиран автомобил за рели-трки, кој во голема мера се базира на оригиналниот модел, но е целосно преработен за натпреварувачки цели.
Однадвор, "Niva Sport Turbo" се истакнува со проширени предни и задни крила, дизајнирани да овозможат поголеми отвори на лакот на тркалата.
Тенките челични браници ги заменуваат стандардните, оставајќи ги гумите откриени за полесно ослободување од кал и побрзи поправки. Страничните прозорци се изработени од "Lexan", а додадено е и "LED" осветлување, кое ѝ дава на "Niva" целосен тркачки карактер.
Оваа рели "Niva" вози на нови алуминиумски фелни со поголеми теренски гуми, а дополнително е подобрена со зголемено меѓуосовинско растојание од 2.550 mm, со што речиси целосно се елиминираат предниот и задниот препуст.
Ширината на трагата на тркалата е зголемена на 1.680 mm, а растојанието од подлогата е пораснато на импресивни 350 mm, пишува "Carscoops". Внатрешноста на "Niva" е ослободена од сè што не е неопходно – иако ни во оригинал не се одликуваше со луксуз.
Кабината е опремена со две тркачки седишта, целосна заштитна рамка (roll cage), навигациски систем и засилен резервоар за гориво. Задната клупа е отстранета.
Како што самото име сугерира, "Niva Sport Turbo" е опремена со 1.6-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри, кој развива 280 коњски сили и 340 Nm вртежен момент. Тоа е огромно зголемување во однос на сериската "Niva Sport", која има 124 коњски сили и 151 Nm.
Силата се пренесува на сите четири тркала преку шестстепен секвенцијален менувач со блокада на централен диференцијал. Подобрувањата на шасијата вклучуваат независна суспензија со по два амортизери на секое тркало, како и посилни сопирачки со 302 mm дискови и четириклипни клешти.