Милан имаше лоша сезона, сезона во која клубот остана без пласман во Европа и тоа автоматски значеше дека ќе бидат направени значајни промени во екипата.
„Росонерите“ веќе добија нов тренер во името на трофејниот Масимилијано Алегри, доведен е италијанскиот репрезентативец Самуеле Ричи, се најавуваат нови имиња, а дел од играчите си заминаа, додека дел допрва ќе треба да го напуштат Милано.
Во изминативе денови почна често да се зборува и за иднината на Сантијаго Хименез, фудбалерот кој пристигна во Милан во јануарскиот преоден рок. Калчолигашот сака нов напаѓач и тоа секако донесе дилеми, прашања околу статусот на Мексиканецот кој пак има јасен став за тоа каде ќе настапува во натпреварувачката 2025/2026.
- Се чувствувам како дома во Милан, живеам сон, благодарен сум за можноста да бидам во тим како Милан. Имаше гласини за можно збогување, но сум добро. Разговарав со раководството и стручниот штаб, идејата е да останам. Ќе се обидам да дадам се од себе, не сакам да ја пропуштам оваа можност, - порача Хименез кој со Мексико го освои Голд Купот.