Најпознатиот италијански мал автомобил послужил како основа за можеби најлудата автомобилска преработка што некогаш сте ја виделе. Станува збор за "Fiat Panda" – но во верзија која е толку тесна, што изгледа како грешка од неуспешен експеримент во "Photoshop".
Оваа "Panda" сега е широка само 48 сантиметри. Од некогашен четирисед, автомобилот е претворен во едносед. Поточно, „полусед“ – бидејќи само едно лице може да седне внатре, и тоа многу внимателно, бидејќи да ги задржите двата лакти внатре е вистински предизвик. Автор на ова чудо е Андреа Мараци, италијански креативец и ентузијаст, кој цела година работел на својата "Panda" од 1993 година за да ја претвори во нешто што изгледа како спој од цртан филм и уметничка инсталација.
Постои дури и „седиште“ за совозач – поставено над задните крила – но останува непознато дали некој воопшто се осмелил да седне таму.
Завршната обработка е толку прецизна и внимателна што многумина помислиле дека станува збор за некој експериментален модел од "Fiat", наменет за музеј или за некоја маркетинг кампања. Всушност, се работи за резултат на чиста имагинација и трпеливост на еден поединец.
Интересно е што, иако изгледа како мотоцикл, оваа "Panda" и понатаму ги има сите четири оригинални тркала. Задржани се и оригиналните 13-инчни гуми. Воланот изгледа како играчка. А погонот? Без бензин – под каросеријата се крие 24-волтен електричен "DC" мотор, бидејќи, како што вели самиот Мараци, „зошто би се мачел со вградување бензински мотор кога и онака нема место?“
Максималната брзина? Околу 15 km/h – што е повеќе од доволно, бидејќи динамичката стабилност не му е најсилна страна.