Нов-стар "Mini" за 90.000 евра – заинтересирани?

Точка

03/07/2025

16:39

595

Големина на фонт

а а а

Оригиналниот "Mini" и денес предизвикува восхит, особено кога станува збор за ваков тип на рестомод.

Името на овој посебен проект е "Wood & Pickett Mini by Callum", и ќе биде понуден во ограничена серија. На официјалната страница се објавени првите информации, како и почетната цена – 75.000 фунти, односно околу 88.000 евра.


Британската икона добива нов живот преку рестомод кој ќе им го одземе здивот на многумина. Иако не е прв, ниту најскап, многумина го сметаат за најуспешната преработка на "Mini" досега. Проектот е резултат на соработката помеѓу дизајнерската куќа "Callum" и легендарниот тјунинг бренд "Wood and Pickett", комбинирајќи безвременски дизајн со модерна технологија.

Сè започнува со целосно реставрирана каросерија од моделот "Mini MK5 Sports Pack" – последната верзија пред престанокот на производството во 2001 година. Визуелните измени вклучуваат нови браници, проширени "Pickett" крила, "LED" предни и задни светла и нови 13-инчни алуминиумски фелни, специјално дизајнирани за проектот. Каросеријата е обоена во уникатна металик нијанса наречена "Anthracite".


Внатрешноста е инспирирана од претходни "Pickett"-преработки, со метални прекинувачи, "USB" приклучоци за полнење и дискретно интегриран инфотејнмент екран компатибилен со модерни уреди. Салонската изведба е обложена со луксузна "Tan Bridge of Weir" кожа, со пар специјално изработени седишта.

Под хаубата се наоѓа обновен 1.3-литарски мотор со "Stage 3" надградба – со спортска глава на цилиндрите, "twin-point" вбризгување и репрограмиран "ECU". Моторот испорачува 112 коњски сили, речиси двојно повеќе од оригиналниот Mini.


Моторот е поврзан со мануелен менувач и погон на предни тркала. Инсталиран е и двоен издувен систем, а подобрувања се направени и на суспензијата, сопирачките и управувачкиот систем.


"Mini by Callum" и "Wood and Pickett" ќе се изработува рачно, во ограничени примероци во Обединетото Кралство. Секој автомобил ќе биде целосно персонализиран според желбите на сопственикот. Како што беше наведено, почетната цена изнесува 75.000 фунти.

Првиот примерок е изработен за Дејвид Ганди – 45-годишниот Британец кој важи за најуспешен и најплатен машки модел на сите времиња. Ганди е голем љубител на автомобили, особено класични модели, а неговата колекција ги вклучува "Porsche 356", "Mercedes 190 SL" и "Jaguar XK120".