"Lanzante 95-59": Ѕвер со 850 коњски сили и три седишта во чест на легендарната победа

Точка

11/07/2025

09:29

358

Големина на фонт

а а а

Како подобро да се одбележи 30-годишнината од победата на „Ле Ман“ отколку со бескомпромисен суперспортски автомобил? Британскиот специјалист "Lanzante" токму тоа го направи, претставувајќи го моделот 95-59 – ѕвер со V8 мотор.

Станува збор за тросед, токму како оригиналниот "McLaren F1", а денес и моделите "GMA T. 50" и "McLaren Speedtail". "Lanzante" го разви 95-59 врз основа на модифицирана верзија од современата платформа на "McLaren".


Моќ од срцето на "McLaren"

Во срцето на 95-59, офарбан во препознатливата „Ueno Grey“ сива боја, работи добро познатиот 4.0-литарски twin-turbo V8 мотор од "McLaren". Моторот е модифициран за да испорачува повеќе од 850 коњски сили и 881 Nm вртежен момент, а силата преку седумстепен менувач со двојна спојка (SSG) се пренесува само на задните тркала.

Иако "Lanzante" сè уште не објавил официјални податоци за перформансите, целната маса од само 1250 килограми јасно покажува за каква ѕверка станува збор. Концептниот модел претставен на "Goodwood" е опремен со специјален "LM30" пакет, кој вклучува ковани алуминиумски фелни, "Inconel" издувни гранки, титаниумски цевки и шрафови, како и златна топлинска изолација, инспирирана од Формула 1. Сето тоа ја намалува масата за дополнителни 20 килограми.


Дизајн инспириран од борбен авион

Каросеријата е целосно изработена од јаглеродни влакна, а дизајнот е дело на Пол Хаус (Paul Howse) – дизајнер со големо искуство од "McLaren P1" и "720 S". Целиот дизајн е подреден на аеродинамиката и троседот. Се истакнува „двослојната“ надворешност – долниот, видлив слој од јаглерод „ја раскажува аеродинамичната приказна“, додека горниот слој елегантно ја обвива структурата.

Задниот дел е дизајниран агресивно, со доминантен монструозен дифузер и централно поставен издув. Инспирацијата, велат од "Lanzante", доаѓа од „бруталистичките форми“ на борбениот авион од петта генерација "F-22".


Кабината – фокусирана околу возачот

Преку препознатливите „диедрални“ врати се влегува во кабина што од самиот почеток била во фокус. Возачот седи ниско и централно, пред малку изместен управувач, додека двете совозачки седишта се поставени пониско и наназад, директно интегрирани во шасијата.

Стаклениот кров овозможува изобилство светлина, а минималистичкиот дизајн е надополнет со прекинувачи поставени на кровната конзола – како во кабина на борбен авион. "Lanzante" сè уште нема објавено фотографии од внатрешноста.


Почит кон Ле Ман: ќе се направат само 59 примероци

А името? Содржи длабока приказна. Во 1995 година, "Lanzante" победи на трката „24 часа Ле Ман“ со легендарниот "McLaren F1" со број 59. Тој момент, вели директорот Дин Ланзанте, бил инспирација за моделот 95-59.

„Нашата цел беше да создадеме автомобил што е достапен и употреблив“, објаснува тој. „Три седишта, простор за багаж, поголем дострел – сакавме нешто што сопствениците навистина ќе сакаат да го возат. Да ја пренесеме страста од класичен автомобил, но на модерен начин, целосно фокусиран на возачот.“

"Lanzante" ќе произведе само 59 примероци. Цената? „Ситница“ – 1,02 милиони фунти плус данок, односно околу 1,2 милиони фунти или 1,4 милиони евра.