Употребата на енкриптираната комуникациска апликација "Signal" нагло порасна во Холандија откако Доналд Трамп повторно стана претседател на САД во јануари.
Холандија сега е меѓу првите пет земји со најмногу корисници на апликацијата "Signal", заедно со држави со далеку поголемо население, како што се Украина, Германија и САД, објави холандскиот весник "Volkskrant", пренесува "NL Times".
Бројот на нови месечни регистрации на "Signal" од Холандија е 25 пати поголем отколку на почетокот од јануари, така што бројот на холандски корисници пораснал на над два милиона.
Оваа апликација значително доби на популарност затоа што не собира речиси никакви податоци за своите корисници, што претставува голема предност за многумина.
"Signal" се разликува и од големите технолошки компании од Силиконската долина – таа е фондација која не прима инвестиции, нема реклами и се потпира на донации.