Демократскиот сојуз: Наместо како земја членка на ЕУ, Бугарија парадира како сојузник на Третиот Рајх

Макфакс

11/07/2025

15:07

218

Големина на фонт

а а а

Демократскиот сојуз го осудува триумфалистичкото однесување на бугарската Влада по бришењето на одредниците за македонскиот јазик и идентитетот од Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија.

Со таквата еуфорија и со упатените навреди кон македонската Влада, официјалните личности од Софија, како што велат, само ги демонстрираат своите вековни фрустрации и неуспешни обиди за бугаризација на Македонија и на Македонците.

„Бришењето на македонскиот јазик и идентитетот од Извештајот во Европскиот парламент конечно ја убеди цела Европа дека намерата на официјална Софија не се никакви човекови права за Бугарите во Македонија, туку процесот на европска интеграција на нашата држава да се искористи за „конечна пресметка со македонизмот“, односно за уништување на вековниот, историски континуитет на македонскиот народ и неговите етнички и јазични обележја.

Премиерот на Бугарија, Росен Желјасков, по самиот на НАТО во Хаг, потсетувајќи дека јазикот што го користат функционерите во двете земји треба да всадува пријателство, а не омраза, меѓу другото ќе изјави: „Ќе си дозволам една аналогија – целта на нашите пријатели од Македонија не е да го преземат Вавилон, туку да влезат во ЕУ.“ За жал, бугарската Влада, во однос на евроинтеграцискиот процес на Македонија, не само што не се однесува како влада на земја членка на ЕУ, туку со отвореното негирање на македонскиот идентитет и јазик, парадира во Брисел како сојузник на Третиот рајх“.

Бугарија, додаваат од ДС, изгуби три војни за Македонија, а главната причина за тоа се обидите за територијална и етничка асимилација на македонското население како бугарско.

Според оваа партија, официјална Софија сe уште се надева дека ќе ја добие „четвртата војна“ и ќе ги оствари санстефанските соништа преку уцени во преговарачкиот процес за членство на Македонија во ЕУ.

Демократскиот сојуз ги повикува сите политички партии на национално обединување за да се упати јасна порака до Софија и Брисел дека никакви идентитетски и историски отстапки од Македонија нема да има.