Охридското лето се отвори, и уметноста прозборе – музиката и мајчинството во хармонија на Античкиот театар

Макфакс

13/07/2025

10:22

578

Големина на фонт

а а а

Под ѕвезденото небо на Античкиот театар во Охрид, синоќа величествено беше отворено јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ со моќните ноти на Бернштајн, Гершвин и Имери.

На сцената настапија реномираната американска пијанистка Клер Хуангчи и Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер, во програма која го одрази духот на фестивалското мото – „Трансформација на сетилата“. На репертоарот беа „Приказна од западната страна”, „Рапсодија во сино” и „Пајдушко“ од Дамир Имери во блескавата изведба на уметниците.

Дополнително изненадување на вечерта беше самата Клер Хуангчи – пијанистката настапи со целосна посветеност, иако очигледно во поодмината бременост. Со извонредна визија, уметнички израз и техничка прецизност, таа уште еднаш покажа што значи вистински професионализам и љубов кон музиката.

Актерот, Ѓорги Јолевски беше еден од говорниците на свеченото отворање, опишувајќи го тој чин како знак на пркос.


„Во време кога зборот се губи во бучавата, а мислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор – неагресивен, контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што е најважна, туку затоа што е неопходна“, рече актерот Ѓорѓи Јолевски, со моќна порака која допре до публиката. Почитуваниот актер изјави и дека живееме во време на војни, каде човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, рече Јолевски, уметноста не е луксуз, туку нужност – апел да се потсетиме што значи да се биде човек.

Моќен говор одржа и министерот за култура Зоран Љутков, кој истакна дека уметноста се случува, се памети и се вградува во нашата колективна меморија. За фестивалот потенцира дека не е само програма, туку духовен завет, трајна врска меѓу минатото и иднината.

Фестивалот официјално го прогласи за отворен претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со инспиративни зборови за вредноста на духовното во современиот свет:


„Верувам дека овој чуден, често и бизарен свет, обременет со стравови и неправди, има насушна потреба од духовност, светлина и надеж“, потенцира Давкова.

Додаде дека Охрид е град на вековни дијалози: минатото комуницира со сегашноста, светците и свештениците со верниците, рибите со рибарите и галебите, уметниците со езерската шир, со планините и небото, домаќините со гостите… Од двата брега на езерото, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци.

Гости на вечерта беа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, како и министри од македонската Влада и амбасадори на повеќе држави.


Ова отворање не беше само концерт, туку чин на сеќавање, отпор и надеж. Во магичната атмосфера на Античкиот театар, музиката се претвори во молк и светлина, во мост меѓу минатото и сегашноста.

Фестивалот „Охридско лето“, кој ќе трае до 20 август, останува уметничка република, отворена за сите што веруваат дека уметноста не е луксуз, туку начин на постоење. Веќе 65 години, секој стих, нота и движење се претопуваат во охридската симфонија која го слави хуманото, убавото и вечното.

Впрочем, како и што синоќа беше истакнато, Охрид се отвора како волшебна школка, а од него излегува највредниот бисер – уметноста.