Обвинителството откри детали од вчерашната трагедија во Прилеп. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид во куќа лоцирана во центарот на градот, каде беа пронајдени телата на 11-годишно дете и двајца мажи на возраст од 43 и 63 години.
Според првичните сознанија од истрагата, трагедијата започнала поради семејни недоразбирања и нерешени имотно-правни односи. Како што информираат од обвинителството, 63-годишниот маж прво го убил својот внук од сестра и неговиот син, а потоа, откако оставил објава со објаснување на мотивите на социјалните мрежи, си го одзел животот.
„Издадена е наредба за обдукција на телата, како и за вештачење на сите трагите, оружјето и муницијата пронајдени на лице место“, соопштија од Јавното обвинителство, кое продолжува со истрагата за да ги потврди сите околности и детали поврзани со тројното убиство.
Детали за убиството во Прилеп открива и прилепскиот обвинител Стевчо Биновски.
„Таткото и синот отишле во куќата на вујкото на улицата „Стеван Апостолоски“ околу 15 до 16 часот. Освен вујкото немало никој друг во куќата. Инаку, претходно вујкото му ја препишал куќата на внукот. Не се знае што се случувало наредните часови само се знае дека таткото и 11-годишниот син биле убиени со пиштол пред да стигне полицијата околу 22 часот. Ова е утврдено зашто соседите слушнале истрели“, вели јавниот обвинител Стевчо Биноски.
Од Министерството за внатрешни работи засега нема официјални информации што точно се случило, како и потврда за шпекулациите дека убиецот пред да си го одземе животот пукал кон полицаец, како и дека фрлил експлозивна направа.
МВР потврдува: Роднината убил две лица, фрлил бомба и пукал кон полицијата, па се самоубил
Тешка трагедија го потресе Прилеп, откако тројца членови на едно семејство, меѓу кои и 13-годишно дете, беа пронајдени мртви со повреди од огнено оружје, во куќа на роднина во центарот на градот. Министерството за внатрешни работи потврди дека се работи за сериозен безбедносен инцидент, во кој било фрлено и експлозивно средство врз полициски службеници.
Настанот започнал во саботата вечер, околу 21:20 часот, кога во ОВР Прилеп, 43-годишната К.Ч. пријавила дека нејзиниот сопруг П.Ч. (43) и нивниот 13-годишен син се оддалечиле од домот, со сомнеж дека можеби заминале во куќата на нивниот роднина П.Ѓ. (62).
Полициски службеници веднаш се упатиле на посочената адреса, но никој не ја отворил вратата. По наредба од јавен обвинител, вратата била отворена со примена на сила. Во моментот кога полицијата влегла во објектот, едно лице фрлило рачна бомба кон нив. Бомбата почнала да чади, но, за среќа, не експлодирала.
Полициските службеници веднаш се повлекле од куќата, но одвнатре било пукано кон нив. Во размената на оган, полицијата возвратила со службено оружје.
Неколку часа подоцна, во 01:35 по полноќ, на местото на настанот пристигнала Итна медицинска помош, каде лекарите констатирале смрт кај тројца – таткото П.Ч., 13-годишниот малолетник и 62-годишниот роднина П.Ѓ.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот, а увидот на лице место е завршен во координација со јавен обвинител.