Приказната за двајца генијални сликари или „Како да ја лажираш сопствената смрт“

Точка

14/07/2025

15:42

595

Големина на фонт

а а а

Што ги поврзува Рембрант и Караваџо? Освен фактот дека се меѓу најголемите сликари во историјата, тие имале сличен карактер: и двајцата биле развратници и насилници. Уште нешто им било заедничко – лажирање на сопствената смрт. Првиот го направил тоа од финансиски причини, а вториот, според некои докази, за да избегне кривично гонење.

Мртвите сликари се продаваат најдобро

Ако требаше да го пронајдеме најголемиот и најсестраниот уметник на сите времиња и нации, лесен избор би бил холандскиот сликар за кого е доволно да се каже неговото лично име – Рембрант (1606 – 1669). На платното пренесе невиден спектар на човечки емоции, а неговиот дар за детали и композиција е единствен во историјата на уметноста.


Иако создавал деликатни дела, како личност бил целосна спротивност: го опишувале како егоист, кавгаџија и патолошки скржавец. Скржавоста особено дошла до израз откако му завршила врската со неговата слугинка Гертје. Несреќната жена, која ја оставил за друга слугинка, го тужела за лажно ветување за брак и побарала судот да ѝ одобри некаков вид алиментација. Не сакајќи да ѝ даде ни денар, тој ги поткупил наводните сведоци, вклучувајќи го и сопствениот брат на девојката, и успеал да ја стави сиромашната жена во затвор под обвинение за проституција.

Друга анегдота живописно го илустрира неговиот став кон парите. Наоѓајќи се во долгови, тој решил да продаде неколку од своите платна. Свесен за фактот дека делата на мртвите сликари достигнуваат значително повисока цена, тој го напуштил својот дом под закрилата на ноќта и се скрил кај еден пријател. На човекот кој му пружил гостопримство му ја дал непријатната задача да ја извести сопругата дека одеднаш се разболел и починал, изразувајќи на смртната постела дека сака таа да продаде некои од неговите слики. Ожалостената жена решила да ја почитува последната желба на „покојниот“, а кога направила што ѝ било кажано, нејзиниот сопруг „воскреснал од мртвите“.


Телото на Караваџо никогаш не било пронајдено

Микеланџело Мериси, познат како Караваџо (1571 – 1610) според местото на раѓање, е еден од најголемите италијански сликари на сите времиња. Тој бил мајстор на светлината и сенката, сликар на чии платна барокот се разгорел во сета своја неумереност… Но тој бил и никаквец.

Откако го научил својот занает кај Симоне Петразан, како осумнаесетгодишник отишол во Рим. Сликал преку ден, а ноќите биле посветени на пиење, посета на бордели и улично беснеење. Богатиот прелат Пандулфо Пучи, брат на кардиналот, му обезбедил сместување и храна и го охрабрил посериозно да се посвети на сликарството, но тешка болест му се попречила на патот. Кога Караваџо се заразил со чума, неговите пријатели го оставиле во болница за сиромашни, не верувајќи дека некогаш повторно ќе го видат. Шест месеци лежел на смртната постела, во смрдлива подземна соба, но преживеал… и продолжил по старо.


Новиот патрон, кардиналот Дел Монте, го примил на својот двор, иако тоа му донело бројни непријатности. Речиси претепал колега кој неповолно се изразил за неговите дела; го нападнал со нож адвокатот кој останал предолго кај неговата омилена „пријателка на ноќта“ и фрлил чинија во лицето на келнер кој бил премногу бавен, што предизвикало крвава тепачка. Под влијание на моќните ментори, сите тужби биле отфрлени.

Следната средба со законот била многу посериозна. На полицискиот наредник кој го испрашувал за некаков испад му била скршена главата. Иако пријателите ја потврдиле приказната на сликарот дека парче од таванот паднало врз главата на несреќниот човек, полицијата не им верувала, а Караваџо бил испрашуван во ќелија врзан за греда и камшикуван.

Загрижените пријатели на сликарот виделе само едно решение – бегство. Двајца чувари биле поткупени, а Караваџо се извлекол од затвор. Но тој не се опаметил. За време на игра слична на тенис, го обвинил својот противник за измама и во бес го убил со нож. Бил осуден на смрт, но успеал да побегне од Рим.


Завршил во пристанишниот град Порте Ерколе, каде што чекал прошка од папата. Според некои, починал од рана што се инфицирала; според други, бил ограбен и убиен. Бидејќи неговото тело никогаш не било пронајдено, многумина веруваат дека ја инсценирал сопствената смрт за да избегне судење.