Која е „професијата на иднината“ за која се верува дека ќе биде многу профитабилна?
Доколку извршниот директор на Нвидиа, Јенсен Хуанг, денес беше студент, ќе се фокусираше на природните науки.
Имено за време на неодамнешната посета на Пекинг, еден новинар го прашал на што би се фокусирал, а познатиот милијардер рекол следново:
„Тој млад 20-годишен Јенсен, кој штотуку дипломирал, веројатно би ги избрал физичките (природните) науки, а не софтверските науки.“ Тој додаде дека всушност дипломирал на 20-годишна возраст.
Хуанг дипломирал електротехника на универзитет Орегон Стејт во 1984 година, а магистрирал електротехника на Стенфорд во 1992 година, пренесе CNBC.
Подоцна, во април 1993 година, Хуанг ја основал Нвидиа со инженерите Крис Малаховски и Кертис Прима за време на ручек во ресторан во Сан Хозе, Калифорнија. Под водство на Хуанг, производителот на чипови стана највредната компанија во светот.
Исто така Нвидиа неодамна стана првата компанија во светот што достигнала пазарна капитализација од четири трилиони долари.
Иако Хуанг не објасни зошто рече дека денес повторно би студирал природни науки, овој милијардер е многу оптимистичен во врска со „физичката вештачка интелигенција“ или она што го нарекува „следниот бран“.
Во текот на изминатите 15 години, светот помина низ неколку фази на развој на вештачката интелигенција, објасни тој на еден форум во Вашингтон во април.
„Модерната вештачка интелигенција навистина стана свесна пред околу 12 до 14 години, кога се појави AlexNet и се случи огромен пробив во компјутерскиот вид“, рече Хуанг на форумот.
Гледајќи напред, следниот бран е „физичка вештачка интелигенција“, истакна Хуанг.
„Следниот бран бара од нас да разбираме работи како што се законите на физиката, триењето, инерцијата, причината и последицата“, рече тој во Вашингтон во април.
Способностите за физичко расудување, како што е концептот на трајност на објектите – фактот дека објектите продолжуваат да постојат дури и кога се надвор од видното поле – ќе бидат важни во оваа следна фаза на вештачката интелигенција, додаде Хуанг.
Примените на физичкото расудување вклучуваат предвидување на исходи, како што е каде ќе се тркала топката, разбирање колку сила е потребна за да се фати предмет без да се оштети и проценување дали има пешак зад автомобил.
„И кога ќе ја ставите таа физичка вештачка интелигенција во физички предмет наречен робот, добивате роботика“, додаде тој. „Во моментов ова е многу, многу важно за нас додека градиме фабрики и погони ширум Соединети Држави. Затоа, се надевам дека во следните 10 години, додека ја развиваме оваа нова генерација фабрики и погони, тие ќе бидат високо роботизирани и ќе ни помогнат да се справиме со сериозниот недостиг на работна сила што го имаме низ целиот свет“, заклучи Хуанг.