Децата на подолго болничко лекување нема да губат настава, на Детската клиника се воведува формално образование

Макфакс

06/08/2025

13:05

103

Големина на фонт

а а а

За да нема прекин на воспитно образовниот процес на учениците кои имаат посериозни здравствени предизвици и се на болничко лекување повеќе од три недели, Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство и Здружението „САНО“ кое им помага на децата заболени од канцер или други малигни и хронични болести, од септември воведува формално образование во здравствените установи.

Зависно од здравствената состојба, ќе можат да се вклучат онлајн на наставата во својот клас, да се организира индивидуална настава или пак, преку асинхрона комуникација да добиваат материјали и да ги решаваат домашните задачи.

dobivaj vesti na viber

Ова денес беше соопштено од страна на министерката за образование и наука Весна Јаневска, која заедно со министерот за здравство Азир Алиу и претседателката на „САНО“, Марија Вук ја посетија Клиниката за детски болести.

„Децата со сериозни здравствени предизвици, најчесто се соочуваат и со дополнителни, образовни предизвици. За жал, на Детската клиника секогаш има дечиња кои се наоѓаат на подолготрајно лекување поради што не можат да ја следат редовната настава. Но, за ова постои решение и новата Влада со поддршка од граѓанскиот сектор, го дефинираше и го уреди системски и отсега повеќе нема да биде како во минатото кога всушност и постоеше една неправда, па би рекла и дискриминација кон децата со сериозни здравствени предизвици“, рече Јаневска.

Министерката посочи дека секое дете на школска возраст кое е сместено на Клиниката за детски болести повеќе од три недели, додека трае учебната година ќе може онлајн да се вклучи во наставата во неговиот клас или пак, наставникот ќе организира индивидуална настава во зависност од здравствената состојба на ученикот и тоа по наставна програма прилагодена на неговата состојба. За оваа цел се користат истите дигитални алатки кои ги користат и останатите ученици, ЕДУИНО и платформата за дигитални интерактивни учебници. Училиштето каде е запишан ученикот може да му додели електронски уред, од фондот на таблет компјутери кои МОН ги има обезбедено и доставено до училиштата.

Доколку училиштето има доволен кадровски потенцијал, наставникот може и да го посетува ученикот во здравствената установа и таму да ја реализира наставата, но тоа повторно зависи од состојбата и можностите на ученикот.

Јаневска информираше дека за време на распустот се организираат обуки за ефикасна работа на наставниците на далечина.

„Сакам да потенцирам дека ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува. Болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Напротив – болеста е предизвик, а ние, како општество, им должиме поддршка, структура и надеж. Со инвестирање во нивното знаење, инвестираме во една поправедна, поемпатична и посилна иднина“, додаде Јаневска.

Министерот за здравство Алиу рече дека покрај пружање на највисоко ниво на здравствена заштита од терциерен карактер на клиниката, оваа иницијатива претставува значаен чекор кон целосна инклузија на болните деца и нивно побрзо враќање во училишните клупи.

„За нас, најважна е целосната грижа за децата – не само нивното оздравување, туку и нивниот образовен и психосоцијален развој“, рече Алиу.

За директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, односно полесно поминување на долготрајниот пат на лекување.

Марија Вук, претседателка на „САНО“ изрази благодарност што по повеќегодишна заложба за формално образование во здравствените установи, актуелното раководство на МОН ја прифати иницијативата, додавајќи дека граѓанското здружение започнува јавна кампања за подигнување на свеста за образованието на децата на подолготрајно лекување.