„Meta“ има амбиција да стане лидер на пазарот на паметни очила, а „Hypernova“ е голем чекор во таа насока.
Ако ги прашате експертите за уредот на иднината кој би можел еден ден целосно да ги замени мобилните телефони, добар дел од нив ќе ги споменат паметните очила. Иако на многумина денес им изгледа невозможно наместо преку екранот во раката, информациите директно да се прикажуваат во видното поле, трендот на пазарот се движи токму во таа насока. Секако, секогаш постои можност работите да се променат.
Извршниот директор на „Apple“, Тим Кук, одамна изјави дека очилата се иднината, па покрај уредите како „Vision Pro“, компанијата развива и класични модели. Но, големи планови на ова поле има и „Meta“. Марк Закерберг очигледно сака да биде лидер, па по соработката со „Ray-Ban“ и нивниот заеднички модел, за следниот месец е најавена новата генерација – „Hypernova“.
Овие очила ќе донесат една целосно нова функционалност: мал екран вграден во десното стакло, видлив само за лицето кое ги носи. На него ќе се прикажуваат мини-апликации и известувања (слични на оние од мобилен), а контролата ќе се врши преку специјална нараквица, како онаа претставена со „Orion AR“ очилата. Дополнително, „Hypernova“ ќе има камера со висока резолуција и поддршка за AI-асистент со кој корисниците ќе можат директно да комуницираат.
Иако „Meta“ може да биде задоволна со продажбата на своите очила во партнерство со „Ray-Ban“, прашање е што може да очекува од новиот модел. Главниот предизвик е токму цената.
Сегашниот модел се продава по цена од 300 долари, додека „Hypernova“ првично требаше да чини 1.000 долари. На крај, компанијата ја намали цената на 800 долари, значително жртвувајќи ја својата маржа за да ја зголеми привлечноста. Сепак, останува дилемата дали со дополнителната технологија „Hypernova“ ќе успее да го задржи тенкиот и стилски дизајн на „Ray-Ban“ очилата, кои изгледаат како класични.
„Hypernova“ најверојатно нема да биде масовен комерцијален хит, туку повеќе демонстрација на можностите на новата технологија и вовед во екосистемот кој „Meta“ сака да го изгради. Сепак, станува збор за пазар на кој во иднина ќе се вртат милијарди долари, па компанијата сака уште сега да се позиционира како прв избор кога паметните очила ќе станат мејнстрим.