Цените за новата генерација на моделот „Nissan Leaf“ во САД конечно се објавени.
Новиот модел не само што е поевтин од еквивалентните нивоа на опрема на својот претходник, туку се позиционира и како едно од најдостапните електрични возила што моментално се нудат во САД.
Единствениот дел од мозаикот кој недостасува е цената на основниот „S“ пакет на опрема, која „Nissan“ сè уште ја нема објавено.
Според производителот, „Leaf“ сега има најниска препорачана малопродажна цена од кое било електрично возило во продажба во оваа земја.
„Nissan“ успеал да го задржи „S+“ пакетот на опрема непосредно под границата од 30.000 долари, што не е мал подвиг имајќи ја предвид денешната инфлација. Разумно е да се очекува дека претстојниот „S“ пакет ќе биде уште поевтин, дополнително зајакнувајќи ја привлечноста на „Leaf“ како пристапен електричен автомобил.
За сега, единствената директна споредба помеѓу генерациите може да се направи со „SV+“ пакетот. Новата верзија почнува од 34.230 долари, речиси 2.000 долари помалку од моделот од 2025 година, иако нуди поголем дострел и побогата листа на стандардни функции.
„S+“, „SV+“ и „Platinum+“ пакетите ја делат поголемата батерија од 75 kWh, која обезбедува до 488 км EPA дострел. Овие верзии се споени со помоќен мотор што произведува 215 коњски сили. Основниот „S“ пакет користи батерија од 52 kWh и мотор од 174 коњски сили, што сепак е унапредување во однос на претходната основна конфигурација.
Кога станува збор за полнење, секој „Leaf“ на американскиот пазар сега вклучува „NACS“ приклучок за пристап до „Tesla Supercharger“ станиците и поддржува функција vehicle-to-load (V2L).
Редизајнот на „Leaf“ го преместува моделот во територија на „fastback crossover“, со каросерија долга 4.404 мм и со поаеродинамичен профил во однос на хечбекот кој го заменува. "LED" светлата се стандардни за сите нивоа на опрема, додека „Platinum+“ добива ексклузивни задни светла инспирирани од моделот „Nissan Z“.
„Nissan“ тврди дека кабината е пространа повеќе од кога било, благодарение на рамниот под и новодизајнираните седишта. Напред, секое ниво на опрема располага со дигитален кокпит: „S“ и „S+“ имаат двојни екрани од 12,3 инчи, додека „SV+“ и „Platinum+“ добиваат поголеми екрани од 14,3 инчи.
На врвот на понудата, „Platinum+“ се издвојува со панорамски покрив кој може да се менува од проѕирен во непроѕирен со еден допир на копче.
Дополнително нуди "head-up" дисплеј, повеќебојно амбиентално осветлување, електрични багажни врати активирани со движење и „Bose“ аудио систем со 10 звучници. Комплетниот пакет системи за асистенција на возачот е вклучен во целата линија.
Испораките на новата верзија на „Nissan Leaf“ во САД се планирани за есенва, а моделот ќе пристигне и во Јапонија, Европа и Австралија.